ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
Повредите на уставните и законските права може да бидат од разни области извршени на разни начини и форми: намерно и ненамерно, бирократско, самоволно, недолично и нехумано однесување, непостапување по барање на граѓанин, недонесување акт, решение, заклучок, неиздавање уверение, потврда, мислење и сл., одолжување на постапка, нееднаков третман на граѓани, погрешно донесен акт, акт заснован на погрешна и непотполно утврдена фактичка состојба, акт заснован на погрешен материјален закон, повредена постапка и сите други намерни и ненамерни однесувања и постапувања со кои се повредуваат правата и слободите на граѓаните загарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори и конвенции.
Повреди за кои граѓаните можат да бараат заштита на нивните права се од следните области:
пензиско и инвалидско осигурување - повреда на правото на остварување пензија (старосна, инвалидска, семејна и земјоделска), право на соодветни парични надоместоци, ненавремено и нецелосно платени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување по основ на работен однос и неоправдано одолжување на постапката.
здравствена заштита - повреди во користењето на здравствените услуги во примарната, специјалистичко-консултативната и болничката заштита, сместување и лекување во здравствени установи и во психијатриски установи од затворен тип, односот на здравстените работници кон пациентите, партиципација за лекување во странство, повреди на правото на надомест на плата во случај на боледување и породилно отсуство, неиздавање потврди за платен придонес-сини картони и сл.
работни односи - повреди на постапките за прераспоредување од работните места на вработените во органите на државната управа и во органите и организациите што имаат јавни овластувања, повреда на постапката при избор и вработување во овие органи, изигрување на прописите во постапките, неплаќање придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и други повреди на правата што произлегуваат од работниот однос.
урбаниазм и градежништво - одолжување и неиздавање градежно-техничка документација, долготрајност на постапките и молчење на администрацијата, неосновано донесени акти-решенија за одземено право на користење градежно земјиште, неизвршување управни акти за бесправно изградени објекти, неиздавање употребни дозволи или нивно неосновано издавање, непостапување на инспекциските органи по барање на граѓаните, невклучување на заинтересираните странки во постапките, незаконита легализација на бесправно изградени објекти, одолжување на постапката за давање согласност за спроведување на деталните урбанистички планови и др.
имотно-правни односи - одолжување, погрешно водење или други повреди при постапките за експропријација, повреди при утврдување и исплата на паричниот надоместок за експроприраниот имот, повреда на правата при евиденцијата на недвижниот имот во катастарските операти, запишување на правата на недвижностите, неиздавање поседовен или имотен лист, барања за враќање национализиран или експроприран имот, повреди во постапката при одлучување за првенственото право на градба, повреди на постапките за признавање на правата што се однесуваат на индустриската сопственост, авторските и сродните на нив права, повреда на правата на граѓаните во постапките за трансформација на општествената сопственост и сл.
полициски постапки - повреди во постапките за стекнување и престанување на државјанството на Република Македонија, злоупотреба и пречекорување на службените овластувања на полицијата и ускратување на правото на одбрана при водење на полициските постапки, повреди во постапките за времено одземени предмети, повреди на постапките при издавање лични документи, патни документи, непостапување по кривични пријави поднесени од граѓаните, повреда и одолжување на постапката за регистрација на моторни возила, повреди на правата на осудените и притворените лица во казнено-поправните и воспитно-поправните установи и другите установи во кои слободата на движење е ограничена и др.
недискриминација и соодветна и правична застапеност - заштита на правата на граѓаните и следење на примената на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците за локална самоуправа и јавните установи и служби.
финансии - повреда на правата во постапката пред Управата за јавни приходи при утврдувањето или ослободувањето од даночната обврска, наплата на судски, административни, комунални и други видови такси, повреда на правата на физички и правни лица во располагањето и работењето со девизи од страна на органите што вршат девизен надзор и контрола, повреда на правилата за издавање и работење со хартии од вредност и сл.
правосудство - повреда на правата на граѓаните со неоправдано одолжување на судските постапки, неизготвување судски пресуди или нивно неблаговремено доставување до странките, ненавремено доставување на изјавени редовни правни лекови на надлежност, неодговарање на барањето за давање податоци од трговски регистар, неизвршување на извршни налози, злоупотреба на овластувањата од страна на судската полиција, неоправдано одолжување на административно-судски постапки (издавање разни уверенија, работа со странки во судска писарница, архивата и др.), одолжување на постапката или непостапување по доставени барања од граѓани заради преземање кривично гонење и покренување обвининенија, повреда на правата на лицата кои се наоѓаат во установи во кои слободата на движење е ограничена (затвори, воспитно-поправни домови) и сл.
социјални права - повреда на правото за остварување на постојана или еднократна помош, право за паричен надоместок за туѓа помош и нега, повреда на правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на потешко хендикепирано дете и право на домување на социјално загрозени лица-станбено необезбедени, повреди во постапките за поставување старател, сместување лица со пречки во развојот, деца и младинци со воспитно-социјални проблеми, сместување стари лица во соодветни установи, право на паричен надоместок поради невработеност и сл.
станбена област - повреда на правата во постапките за продажба на станбен и деловен простор, повреди при постапките за доделување станови, одолжување на постапките пред Комисијата за станбени прашања на Владата на Република Македонија и сл.
образование - повреди на правата при уписот во сите образовни институции, односот на наставниците кон учениците, добивање кредити и стипендии, сместување и услови во ученички и студентски домови и сл.;
локална самоуправа - одолжување на постапката за донесување, изменување и дополнување на деталните урбанистички планови, како и одржување, изградба или замена на старата инфраструктурна мрежа (водоводна, канализациона, електрична и др.), непостапување на инспекциските служби по барањата на граѓаните и сл.
заштита на животната средина - повреди на правата поради непрезамање мерки за спречување на појави што доведуваат до загадување на животната средина, непреземање мерки за спречување штетна бучава, неизвршување инспекциски надзор над примената на техничко-технолошки мерки за заштита на воздухот и водата од загадување, заштита од отпадни материи и сл.
јавни услуги и потрошувачки права - нереално високи сметки за потрошено количество вода, електрична енергија и реализирани телефонски импулси, повреда на права при засновање претплатнички однос во телефонската мрежа, исклучување од водоводната мрежа и од користење електрична енергија, квалитетот на услугите и висината на надоместоците што ги наплаќаат комуналните претпријатија, постапување на пазарната инспекција, шумска полиција и др.
детска заштита - одолжување, несоодветно однесување и непостапување по барања доставени до центрите за социјална работа и други органи и организации во кои се остваруваат правата на децата (установи, училишта, градинки и други институции), погрешни и неаргументирано донесени решенија со кои се утврдува начинот на остварувањето и вршењето на родителските права и обврски на брачни другари и постапките за старателство, надзор над вршењето на родителското право и повреди при остварување на правата на децата без родители и на децата со специфични потреби, повреди на правата на децата од областа на здравствената заштита и сл.
царинско работење - повреди во постапките за задолжување или ослободување на граѓаните од царинската обврска, утврдување царински долг, наплата, пријавување стока, царинска контрола, увозна и извозна царина и др.
одбрана - повреда на правата на воените обврзници при регрутацијата и други права што се остваруваат при служувањето на воениот рок, повреда на правата во постапката за служење во резервниот состав, повреда на постапката за ослободување од обврската за учество во воена вежба и сл.
наука, спорт и култура - повреди на правата од издавачката дејност, повреди на правата од научната и истражувачката дејност, обезбедување услови за достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење и сл.
казнено поправни установи - заштита на права на лицата кои се наоѓаат на издржување на казната затвор и на лицата спрема кои се спроведува мерката притвор со преземање на дејствија и мерки за остварување на правата загарантирани со домашните и меѓународните норми и стандарди.
други права– постапување по претставки поднесени од правни субјекти или од граѓани кога правото им е повредено од приватно правно лице при што поради ненадлежноста на НП на подносителите им се дава правен совет за заштита на правата.