ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
СООПШТЕНИЕ ОД ИНФОРМАТИВНА СРЕДБА НА ТЕМА ПРОБЛЕМИ И ПРЕДИЗВИЦИ ПРИ ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ЗАКОНОТ ЗА НЕЕВИДЕНТИРАНИ ЛИЦА ВО МАТИЧНАТА КНИГА НА РОДЕНИТЕ СО ДРУГИ НАДЛЕЖНИ ИНСТИТУЦИИ
24.03.2022, СКОПЈЕ
Одделот за заштита на правата на детето заедно со Одделението за граѓански состојби при Народниот правобранител, поттикнати од проблемите при имплементацијата на Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родените, поради што неевидентирани деца/лица во пракса не можат да ги остваруваат утврдените права со Законот, на ден 24.03.2022 година одржа информативна средба со претставници од државни органи и институции кои се должни да го спроведуваат Законот за неевидентирани лица или да вршат надзор над неговоро спроведување. На средбата присуствуваа претставници од Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, и Агенција за вработување. На средбата немаше претставник од Министерството за здравство, иако беа уредно поканети. Народниот правобранител, имајќи ја предвид ранливоста на оваа категорија на лица ги информираше присутните за сознанијата и констатациите од практичното постапување по претставките, а во врска со неспроведливоста на Законот за неевидентираните лица, и во насока на заштита на нивните права побара поголема соработка и посветеност во изнаоѓање на решенија за нотираните слабости. Во овој контекст укажа дека е потребно да се засилат теренските активности за пронаоѓање на лицата кои се пријавиле на јавниот повик и истите да се информираат за правата кои Законот им ги признава доколку поднесат барање за упис во посебната матична книга на родените. Воедно, да се преземат активности со цел утврдување на бројот на деца кои се родени по завршување на јавниот повик, а не исполнуваат услови за запишување во матичната книга на родените согласно со закон, потсетувајќи ги присутните дека Законот за неевидентирани лица се однесува и за оваа група неевидентирани деца, за кои надлежните немаат евиденција. На средбата се потврдија наводите дека, и покрај тоа што целта на донесувањето на овој закон е евидентирање на овие лица во посебна матична книга на родени, и добивање на евиденционен број заради остварување на основните права (право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување), во пракса лицата сѐ уште не ги остваруваат овие права. Проблемите беа лоцирани во неусогласеноста на законите во кои се предвидени овие права со Законот за неевидентирани лица, фактот дека евиденциониот број е непрепознатлив за интегрираниот систем на работење на институциите, како и поради недоволната соработка и координираност на инситуциите. На средбата беше договорено да се преземат заеднички мерки на повисоко ниво, а надлежните институции да соработуваат и да постапуваат координирано во спроведувањето на законот. Народниот правобранител ги информираше присутните дека и во наредниот период ќе преземе мерки и активности согласно своите надлежности со цел што поскоро да се изнајдат начини овие лица да ги остварат своите законски права, што е императив на законот. Исто така, информираше дека до Владата ќе достави Информација за утврдените состојби со предлог да се продолжи важноста на Законот, со оглед дека рокот до кога неевидентираните лица во матичната книга на родените чии податоци се внесени или ќе се внедат може да подесат барање до Управата за водење на матичните книги е до 30 јуни оваа година.
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ