ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
СООПШТЕНИЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ПО ПОВОД МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ДЕТЕТО
20.11.2022, СКОПЈЕ
Дeнес, кога се навршуваат 33 години од усвојувањето на Конвенцијата на ООН за правата на детето, на Меѓународниот ден на Детето - 20 Ноември, Народниот правобранител потсетува дека овој датум треба да биде поттик за сите посериозно и пoпoсветено да продолжиме со активностите за унапредување на правата на детето и создавање основни претпоставки за нивно остварување. Следејќи ги состојбите со почитувањето на правата на детето, слободно можеме да заклучиме дека значително е подобрена свеста за правата на децата и се преземени мерки за нивна заштита. Но, тоа не е доволно, Конвенцијата за правата на детето не обврзува безусловно да овозможиме подобар свет за секое дете, услови за нормален развој и егзистенција, непречено остварување на правото на образование, највисоко ниво на здравствена заштита, социјална помош и поддршка на децата од материјално необезбедени и социјално ранливи семејства… со еден збор имаме обврска да му озвозможиме на секое дете на подеднаква основа остварување на правата, со почитување на неговиот најдобар интерес и учество во донесувањето одлуки. Жално, но вистино, во пракса, нерешениот проблем со правно невидливите деца, децата на улица, сегрегацијата во некои училишта, проблемот со необезбедени образовни и лични асистенти, неможноста на детето да остварува лични и непосредни контакти со родителот со кого не живее, насилството врз децата, меѓуврсничкото насилство, па и случаите на сексуално злоставување на деца покажуваат дека како општество уште многу треба да работиме и попосветено да им пристапиме на проблемите кои ги попречуваат децата во остварувањето на правата. Имајќи ја предвид важноста на овој ден, Народниот правобранител потсетува дека иднината на децата зависи од овозможувањето услови за остварување на правата, но и почитувањето и уживањето на нивните права без каква било дискриминација. Затоа потсетувам дека наша обврска е да ги почитуваме основните принципи на Конвенцијата за правата на детето, тие да бидат императив во нашето работење и секојдневие. Сите ние, и како родители, вработени во детските градинки, училиштата, установите за грижа и заштита на децата и други институции и органи имаме обврска да придонесеме за нивен правилен психо-физички развој, и да придонесеме детето да биде подготвено да живее во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправно и солидарно со другите
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ