ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

СООПШТЕНИЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА СЛУЧАЈОТ СО УЧЕНИЧКАТА ОД ОСНОВНОТО УЧИЛИШТЕ „БАШКИМИ“ ВО ГОСТИВАР

03.02.2022, СКОПЈЕ

Народниот правобранител, по објавата во медиумите на сторијата за ученичката, која поради нејзината состојба (ученичка со попреченост), не била прифатена од страна на родителите на учениците од класот во која била запишана, и била приморана наместо заедно со другите ученици, наставата да ја следи сама, со нејзиниот асистент, во посебна просторија, формира предмет по сопствена иницијатива и испрати тим во училиштето за да го испита случајот.

Имено, објавената сторија покажува голема незрелост на општеството, кое ни оддалеку не е подготвено во пракса да ја имплементира домашната и меѓународната регулатива која се однесува на инклузивноста на овие лица во секојдневниот живот. Недозволиво е овие ученици да бидат жртва на непоготвеноста на поединци да ги прифатат различностите и на истите да им биде отежнат пристапот до образовниот процес, кој со Устав и со закон им е гарантиран на сите подеднакво, без елементи на каква било дискриминација. Впрочем, изминатите години сите чинители во општеството кои се занимаваат со оваа проблематика, вклучувајки ја и институцијата Народен правобранител дадоа голем придонес во реформите во образовниот просцес, токму во делот кој се однесува на инклузивноста на учениците, затоа што различноста не смее да биде сфатена како казна, како што тоа е направено во конкретниот случај.

Народниот правобранител ги охрабрува родителите за вакви случаи да не молчат, туку да се обратат до институциите, со цел навремена заштита на правата на нивните деца гарантирани со законите. Исто така, смета дека е добро што медиумите покажуваат сензибилност и ги објавуваат сториите, но укажува на фактот дека при објавувањето на овие стории мора максимално да се води сметка за заштита на најдобриот интерес на детето и да се избегнуваат експлицитни кадри или фотографии од децата.

НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ