ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА ЗА СОСТОЈБИТЕ ВО ИНСТИТУЦИЈАТА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ
24.12.2025, СКОПЈЕ
Почитувани медиуми и почитувана јавност, Ние, вработените во Народниот правобранител и двајцата преостанати заменици на народниот правобранител, со овој допис и дописот кој ви го доставуваме во прилог, сакаме да ве информираме за безизлезната состојба во која се наоѓа централната институција која треба да биде посветена на заштита на човековите слободи и права, а воедно и механизам за надзор и следење на законитото работење на институциите од јавниот сектор, локалната самоуправа и јавните претпријатија, надлежности кои ни се дадени со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за народниот правобранител. За состојбата во која сме доведени, сметаме дека најповикано е Собранието на Република Северна Македонија, кое од 12.07.2025 година не е во состојба да избере нов народен правобранител, иако од наша страна повеќепати е алармирано за состојбата во која се наоѓаме. Последното вакво итно Барање до Собранието на РСМ доставено на 11.12.2025 година, но до денешен ден (24.12.2025 год.) не сме известени, дури ни со негативен одговор, како што не е доставена ниту покана за присуство на некој од преостанатите заменици на годишното обраќање на Претседателката на Република Северна Македонија. Со овој допис сакаме да ја запознаеме целата македонска и поширока јавност од дипломатските претставништва во државата и странските мисии за состојбата во која се наоѓаат вработените во Народниот правобранител, кои во моментов не можат да остварат многу од своите права од работен однос, а од јануари 2026-та година, веројатно нема да земаат ни личен доход, со што ќе престане да се уплаќаат редовните уплати за социјално и здравствено, но и за пензиско осигурување. Поради ова се запрашуваме, дали државата има потреба од ваква институција или не. Ви благодариме на соработката,