ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ПРЕС - КОНФЕРЕНЦИЈА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА СОСТОЈБАТА СО ПОЧИТУВАЊЕТО НА ЧОВЕКОВИТЕ СЛОБОДИ И ПРАВА ВО 2024 ГОДИНА
15.04.2025, СКОПЈЕ
Народниот правобранител, г.Насер Зибери, денес, во Канцеларија на народниот правобранител одржа прес-конференција, на која го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2024 година, кој, согласно законската обврска, на 27 март го достави до Собранието на Република Северна Македонија. „Во извештајната 2024 година, Народниот правобранител постапуваше по 3.148 претставки, од кои во институцијата Народен правобранител беа примени 2.705 претставки, а 443 предмети беа пренесени од претходната година. Најголемиот број на примени претставки се од областа на граѓанските состојби и други внатрешни работи 408 или 15,08%; потоа следат претставките кои се однесуваат на заштита на правата од областа на правосудството 360 или 13,31%; од потрошувачките права 284 или 10,50%; од областа на детските права 200 или 7,39%, од казнено-поправните и воспитно-поправните установи 184 или 6,80%; од работните односи 182 или 6,73%; од имотно-правната област 130 или 4,81%; од социјалната сигурност и социјална заштита 114, односно 4,21%; од пензиското и инвалидското осигурување 108 или 3,99%; од урбанизмот и градбата 107 или 3,96%; од финансиите и финансиското работење 94 или 3,78%; од областа на заштитата на правата при полициски овластувања 92 или 3,40%; од недискриминацијата и соодветната и правична застапеност 53 или 1,96%; од обвинителството 49 или 1,81%; од здравствената заштита 33 или 1,22%; од животната средина 32 или 1,18%; од постапување на НП како механизам за граѓанска контрола 25 или 0,92%; од станбените односи 18 или 0,67%, од образованието и науката и правата за заштита на лицата со попреченост по 14 или 0,52%; од областа на избирачките права 13 или 0,48%, за постапување на НП како пријател на судот 7 или 0,26%, како и други права 184 или 6,80% претставки. Најголем број на констатирани повреди - 173 или 23,28%, беа во областа на граѓанските состојби и други внатрешни работи, од кои во 164 случаи или 94,80%, беше постапено по укажувањата на Народниот правобранител за отстранување на констатираната повреда. Потоа, следат претставките од областа на правосудството каде беа констатирани 96 повреди или 12,92%, од кои во 65 случаи или 67,71% беа прифатени укажувањата на Народниот правобранител. Во претставките од областа на потрошувачките права, беа констатирани повреди во 76 случаи или 10,23%, од кои во 67 случаи или 88,16% беше постапено по укажувањата на Народниот правобранител за отстранување на констатираната повреда“, информираше на денешната прес-конференција народниот правобранител, г.Зибери. Народниот правобранител, во своето излагање за работата на институцијата во 2024 г., и за констатираните состојби со почитувањето и остварувањето на правата на граѓаните, меѓудругото, истакна дека, „првата половина од работата на Институцијата во 2024 г. ја одбележа проблемот со издавањето на документи за лична идентификација, посебно патните исправи, кој засегаше илјадници граѓани кои масовно поднесуваа претставки до Институцијата по различен основ - неможност да закажат термин за фотографирање, бавна изработака и одобрување на патните исправи, пролонгирана испорака на веќе изготвените документи и слично“. „За ефикансо решавање на предметите кои се однесуваа на ова прашање, тимови од Народниот правобранител во соработка со надлежните служби во Министерството за внатрешни работи помагаа во решавање на овие проблеми. Во овој сегмент, мора да се истакне кооперативноста на Министерството што претставува пример на добра соработка помеѓу двете институции“, рече народниот правобранител, г. Зибери. Народниот правобранител, се осврна и на состојбата со правната нејаснотија која настана откако Собранието ги изгласа измените на Законите за облигациони односи и за извршување, пред сѐ во делот на застарувањето на извршувањето. „Граѓаните по овие измени добија надеж дека на некој начин ќе се стави крај на деценискиот проблем со таканареченото „должничко ропство“. Но, сепак поради одбивањето на судовите и извршителите, овие измени да ги спроведат во пракса, тие останаа да бидат жртви на правните лавиринти, особено што Уставниот суд во два наврати за истите измени донесе две дијаметрално спротивни одлуки. Еднаш дека, истите не се косат со Уставот, за по неколку месеци дека, овие измени го нарушуваат правниот систем и истите ги укина“, рече Зибери. Зборувајќи, пак, за условите во затворите на прес-конференцијата рече дека во овој сегмент нема никаков напредок. „Капацитетите и понатаму се такви што доведуваат до нехуман услови за сместување и третман од причина што се пренатрупани. Тоа, пак, доведува до ситуации овие лица и натаму да бидат приморани да спијат „на смени“, по ходниците, со еден збор во крајно нечовечки и нехумани услови. Меѓусебните пресметки кај затворениците се последица на претходно констатираното. Тука, би го додал податокот за недостаток од соодветен кадар и чуварска служба, па, во ризик за својата безбедност, освен затворениците, ставени се и вработените. Ваквата ситуација, исто така, се рефлектира и на хигиената која е на многу ниско ниво, а затворите не спроведуваат ниту дератизацијата на просториите, што доведува до појава на инсекти и други штетници“, истакна народниот правобранител, г. Насер Зибери.