ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ПО ПОВОД 3. ДЕКЕМВРИ - МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ПРАВАТА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

03.12.2024, СКОПЈЕ

„Народниот правобранител – Оддел за заштита на правата на лицата со попреченост, на денешната прес-конференција, која ја одржуваме токму на денот кога се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост, на која, како што најавивме, ќе ги презентираме констатираните состојби и препораките на Народниот правобранител за подобрување на образованието на лицата со оштетен слух, од спроведеното истражување во ДУЦОР „Партенија Зографски“-Скопје, каде што се образуваат средношколци кои се со оштетен слух (глуви и наглуви) од целата државата. Дел од овие ученици ни се обратија за заштита, укажувајќи дека не можат целосно и непречено да го следат образовниот процес, од причина што наставата за нив, иако треба, не се реализира секогаш со употреба на знаковен јазик. Тогаш Започнавме да го мониторираме остварувањето на правото на образование на знаковен јазик за овие ученици, и по преземените мерки, констатиравме дека е потребно да се иницираат промени во насока, обезбедување квалитетно образование и унапредување на наставата за учениците со оштетен слух.“

Ова, меѓу дргуто, го истакна Васка Бајрамовска Мустафа-државен советник во канцеларија на Народниот правобранител, која воедно го раководи тимот кој е задолжен да ја следи имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, на прес-конференцијата организирана по повод одбележувањето на 3. декември Меѓународниот ден на правата на лицата со попреченост.

Според неа Анализата на состојбите во ова училиште покажува дека ДУЦОР „Партенија Зографски“ Скопје е единствено државно средно училиште за ученици со оштетен слух (ученици со глувост и наглувост) во Северна Македонија, во кое учат ученици чие основно средство за комуникација е знаковниот јазик. Познавањето на знаковниот јазик од страна на наставниот и воспитниот кадар не е задолжителен критериум при вработување/работење во ДУЦОР „Партенија Зографски“, па оттаму, вработените на сопствена иницијатива, или иницијатива на раководството, посетуваат обуки за изучување на знаковен јазик. Моментално вработениот наставно-воспитен кадар од ДУЦОР „Партенија Зографски“ поседува Сертификати за различни нивоа на познавање на знаковниот јазик, при што загрижува фактот што постојат наставници кои не го знаат воопшто, а има и такви кои се на почетно ниво на изучување на знаковниот истиот, иако дел од нив веќе подолго време се вработени во училиштето и имаат повеќе години работно искуство во истото.

„Со оглед на изнесеното, а со цел унапредување на квалитетот на образованието кое овие ученици го добиваат во наведеното училиште и подобрување на воспитно-образовниот процес, изготвиме Информација за состојбата која ја констатиравме при посетата на во ова училиште и денес ја доставивме до Министерството за образование и наука.

Во Информацијата, меѓу другото, препорачавме Министерството за образование и наука да преземе мерки за системско решавање на проблемот со непознавање на знаковниот јазик, на начин што ќе го уреди познавањето на знаковниот јазик, на соодветно ниво, како облигаторен услов за наставно-воспитниот кадар, согласно работното место, но и за кадарот вработен на други работни места, а кој е во секојдневен контакт со учениците со оштетен слух (глуви и наглуви). Исто така, препорачавме Министерството за образование и наука, во соработка со ДУЦОР „Партенија Зографски“ Скопје и претставничките организации на лицата со оштетен слух, како и други здруженијата на граѓани кои делуваат во оваа област, да преземат мерки со цел обезбедување на задолжителни и континуирани обуки за вработените за познавање/користење на знаковен јазик, со што ќе се зајакнат и подобрат вештините за употреба на знаковниот јазик“, рече Бајрамовска- Мустафа.