ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА СОСТОЈБИТЕ СО ЧОВЕКОВИТЕ СЛОБОДИ И ПРАВА ВО ОДРЕДЕНИ ОБЛАСТИ ВО 2023 ГОДИНА
27.12.2023, СКОПЈЕ
„На самиот крај на 2023 година, дозволете ми накратко да ги соопштам ставовите на Народниот правобранител за состојбите и проблемите со кои се соочи Институцијата во обидите за обезбедување на поголема и поквалитетна заштита на правата на граѓаните во текот на 2023 година. Уште на почеток, дозволете ми да го изразам моето незадоволство во однос на соработката на Институцијата Народен правобранител со клучните државни органи, во насока на обезбедувањето на соодветни услови за работа и поефикасно функционирање на истата. Најпрво, сакам да го потенцирам фактот дека Собранието продолжи со праксата на ненавремено разгледување на Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права, и како резултат на тоа, мерките за спроведување на општите препораки на Народниот правобранител да се усвојуваат на крајот од годината, со што, практично тие мерки не даваат никаков ефект. Соодветно на тоа, Владата не се задолжува согласно Законот за народниот правобранител да постапува по истите и за тоа двапати годишно да го извести Собранието за постапувањето по истите. Второ, Собранието не успеа ниту во 2023 година да избере 5 заменици на народниот правобранител, и тоа: еден за Скопје, и по еден за подрачјата на канцелариите во Тетово, Куманово, Штип и Струмица. Неизборот на заменици во овие канцеларии директно влијае врз работата на истите, ја намалува видливоста на Институцијата и ја влошува заштитата на правата на граѓаните од овие подрачја. Трето, Собранието со двегодишно одложување, успеа да определи две од трите потребни невладини организации во тимот на Механизмот за граѓанска контрола врз полицијата и затворската полиција. Во оваа прилика, морам да истакнам дека Министерството за финансии, односно Владата во Предлог - Буџетот за 2024 година не предвиде средства за негово функционирање (на Механизмот), за што бев принуден со писмо да го известам претседателот на Собранието“. Ова, меѓу другото, го истакна народниот правобранител, г. Насер Зибери на прес-конференцијата на којашто ги соопшти главните ставови на Институцијата за 2023 година, кои произлегуваат од работата на институцијата, а се однесуваат како на нејзиниот статус и положба, така и на почитувањето на правата на граѓаните во одредени области. Зборувајќи на овие теми, тој истакна дека Собранието со задоцнување на дневен ред ги ставило измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител, и дека нивното неусвојување понатаму ќе претставува пречка Институцијата да се акредитира со статус А - статус кој го имаат речиси сите институции за заштита на човековите слободи и права, во регионот. На прес-конференцијата, народниот правобранител, г.Насер Зибери зборуваше и за имплементацијата на измените и дополнувањата на Законите за облигациони односи и за извршување, а објави и дека Народниот правобранител, Механизам за граѓанска контрола, по спроведеното детално истражување на случајот, согласно Законот, во врска со настаните при претресот во КПУ-КПД „Идризово“ спроведен во октомври 2023 г., поднесе барање за утврдување на кривична одговорност до Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, за кривично дело - тортура.