ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПРЕДЛОГОТ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ВО ДЕЛОТ НА КАЗНЕНАТА КАМАТА ПРИ ПРОЦЕСОТ НА ИЗВРШУВАЊЕ

19.10.2022, СКОПЈЕ

„Денешната прес-конференција ја организирав за да ја информирам јавноста дека до Владата на Република Северна Македонија, како овластен предлагач, ќе дoставам Иницијатива за изготвување предлог за дополнување на одредбите од Законот зa облигационите односи и Законот за извршување, во делот на наплатата на каматите во постапките за извршување. Конкретно, станува збор за предлог кој произлегува од нашето предметно работење, а се однесува на прашањето за казнената камата. Нашиот предлот е казнената камата да не може да биде поголема од главниот долг, односно дека измените одат во насока кога каматата ќе го достигне главниот долг да престане да тече. Да бидам прецизен – предлогот на Народниот правобранител се однесува на членот 268-а од Законот за облигациони односи каде е потребно да се додаде нов наслов -Кога каматата престанува да тече, поточно да се додаде нов член 268-б кој би гласел:„Казнената камата престанува да тече кога сумата на втасаните, а неисплатени камати, ќе ја достигне главницата“.

Ова, меѓу другото, го рече народниот правобранител г.Насер Зибери на прес-конференцијата на која информираше за Иницијативата за законските измени.

Тој, исто така, рече дека следствено треба да се направат измени и во Законот за извршување каде е потребно да се додаде нов член 18-а кој би гласел:„Кога сумата на втасаните, а неипсплатени камати, ќе ја достигнат главницата, извршителот во постапката на извршување, престанува да пресметува и наплатува и законска казнена камата“.

„Воедно, заради доследна гаранција на уставниот принцип за правна сигурност на граѓаните, како составен дел од приципот на владеење на правото, во преодните и завршните одредби на овие закони измени потребно е да се нормира, како поповолни да се применуваат и на постапките за извршување кои се во тек“, истакна народниот правобранител, г. Насер Зибери.