ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ПРЕЗЕНТИРАН ИЗВЕШТАЈОТ ЗА РАБОТАТА НА НАЦИОНАЛНИОТ ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ ЗА 2022 ГОДИНА
26.06.2023, СКОПЈЕ
„Во текот на 2022 година, тимот на Националниот превенитвен механизам (НПМ) спроведе вкупно 19 ненајавени посети, од кои: 9 посети во полициски станици од општа надлежност на подрачјето на Секторите за внатрешни работи (СВР) Скопје, Битола и Тетово, 3 посети во казнено-поправни и воспитно-поправни установи, 1 посета во Дом за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје, 2 посети на Психијатриски болници „Скопје“ и „Демир Хисар“, како и 4 посети на места каде што се врши сместување или задржување на странци и баратели на азил. Нотираните состојби за време на посетите, како и активностите на властите што тимот ги следи во рамки на пошироката слика поврзана со постапувањето спрема лицата лишени од слобода, укажува на фактот дека иако се прават скромни напори за подобрување на состојбите, сепак во поголем дел заложбите на властите за борба против тортурата и несоодветното постапување се повеќе декларативни отколку суштински.“ Ова, меѓу другото, го истакна народниот правобраните, г.Насер Зибери на прес-конференцијата на која го презентираше Годишниот извештај на Националниот превентивен механизма за 2022 година. Како сериозен проблем што беше истакнат за Психијатриската болница – „Скопје“ е (не)редовноста во примањето на терапијата, како и неможноста на персоналот да воспостави ред во примањето на терапијата од страна на пациентите. „Конфликтите меѓу пациентите на одделението се многу чести, во одредени случаи вербалните караници резултирале и со меѓусебни физички напади, а беа добиени наводи и за воспоставена неформална хиерархија меѓу пациентите на надредени и подредени. Ситуацијата е особено алармантна во попладневните и вечерните часови кога на одделението има присутно само еден медицински техничар и еден болничар.Од судското одделение на Психијатриската болница – „Скопје“ нотирани се и чести бегства во времетраење од неколку часа до неколку месеци, а како главна причина за бегствата, пациентите ги посочуваат лошите услови за престој, недостатокот на организирани активности, но и неодобрувањето на терапевтски викенди. Во прилог на ова е недоволниот број медицински и друг персонал, непостоење на системски организирана заштита на обезбедувањето, како и генерално слаб менаџмент. Слична состојба затекнавме и во Психијатриската болница „Демир Хисар“. Во делот на материјалните услови општиот заклучок во однос на Одделението за форензичка психијатрија и психијатриска експертиза е дека целиот објект не е редовно и доволно одржуван, поради што и се наоѓа во лоша состојба. Хигиената не се одржува на соодветно ниво и не ги исполнува болничките хигиенски барања. Ова, упатува на потребата од преземање итни мерки за целосно реновирање на објектот“, истакна на прес-конференцијата народниот правобранител, г.Насер Зибери. Тој, се осврна и на состојбата во затворите каде генералната констатација е дека сѐ уште се присутни проблемите поврзани со прекубројноста на осудените лица и несоодветните материјални услови во коишто се сместени, што создава висок ризик од меѓузатвореничко насилство, и проблемот за кој со години не се изнајде решение, пружање на навремена здравствена заштита на осудените/притворените лица.