ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ПРЕЗЕНТИРАН ГОДИШНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА СТЕПЕНОТ НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО ПОЧИТУВАЊЕ, УНАПРЕДУВАЊЕ И ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ СЛОБОДИ И ПРАВА ВО 2022 ГОДИНА
20.03.2023, СКОПЈЕ
„Во извештајната 2022 година беа примени/заведени 3.209 претставки, а 273 предмети беа пренесени од претходната година. Вкупниот број на предмети/претставки по кои постапувавме - ги разгледувавме е 3.482. Бројката на примени претставки претставува зголемување за околу 20 отсто во однос на минатата година, што е очекувано со оглед на фактот што состојбата со пандемијата се стабилизира и сите инситуции, вклучувајќи ја и институцијата Народен правобранител се вратија на начинот на работа пред пандемијата. Како и минатите години, така и во 2022 г. продолжи трендот на прво место според бројот на поднесени преставки да биде областа правосудство - 534 или 16,64% од вкупниот број, потоа потрошувачките права 337 или 10,50%, работните односи - 288 или 8,97%, детските права 252 или 7,85%, имотно-правните односи- 208 или 6,48%. Најголем број на констатирани повреди има во областа детски права, потоа следува областа правосудство, граѓански состојби и други внтарешни работи, потрошувачките права и слично“. Ова, меѓу другото, го истакна народниот правобранител, г.Насер Зибери на прес-конференцијата на која го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2022 година. Зборувајќи за правата на детето, тој истакна дека Институцијата утврдила најтежок облик на дискриминација -сегрегација во две училишта, едното во Битола, второто во Штип, случај за кој и Европскиот суд за човекови права има донесено пресуда. „Станува збор за ООУ „Ѓорѓи Сугаре“ - Битола и ООУ „Гоце Делчев“ во Штип каде констатиравме дека има паралелки кои претежно се составени од ромски деца. Воедно, училиштата зачестено даваат согласности за запишување на ученици, најчесто од македонска етничка заедница, во други општински училишта, иако според местото на живеење учениците припаѓаат на реонот кој го опфаќаат горенаведените училишта. На согласности за запишување на децата во други училишта инсистираат родителите кои не сакаат нивните деца да учат со Роми, што во пракса доведува до поголем број ученици Роми во едно училиште и препознавање на истите како „Ромски“ училишта. Оттука, апелирам во овие две општини веднаш да престанат со праксата на лесно издавање на исписници од училиштата и да ја почитуваат реонизацијата, затоа што процесот на инклузивност е еден од најзначајните процеси за елиминирање на дискриминацијата“, истакна народниот правобранител, г. Насер Зибери. Тој ги потенцираше и проблемите на граѓаните кои Институцијата ги нотирала во областа финансии како што е трикратното зголемување на данокот на имот во Општината Охрид, начинот на кој Градот Скопје, Општините и Управата за јавни приходи им ги блокира сметките во банка кога станува збор за присилна наплата на долгови кон нив, потоа прекршувањето на правата на наставниците во постапка за трансформација на работниот однос од страна на локалните власти и Државниот просветен инспекторат.