ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ПРЕЗЕНТИРАН ГОДИШНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ-НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ ЗА 2021 ГОДИНА
24.06.2022, СКОПЈЕ
„Националниот превентивен механизам во рамки на својот мандат и надлежности, континуирано го следи постапувањето со лицата во местата на лишување од слобода и задржување, а со цел превенција од тортура и друг вид на сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Во оваа смисла, во текот на 2021 година тимот на НПМ спроведе вкупно 33 ненајавени посети, од кои: 14 посети во казнено-поправни и воспитно-поправни установи, 8 посети во полициски станици од општа надлежност на подрачјето на Секторите за внатрешни работи (СВР) Струмица и Охрид, 5 посети во полициски станици за гранична контрола или надзор, како и 6 посети на места каде што се врши сместување или задржување на странци и баратели на азил.Нотираните состојби за време на посетите, како и активностите на властите што ги следиме во рамки на пошироката слика поврзана со постапувањето спрема лицата лишени од слобода, ја потврдуваат констатацијата дека заложбите на властите за борба против тортурата се повеќе од декларативен карактер, отколку суштински. Во поткрепа на ова, доволно говори фактот што веќе повеќе години воочуваме/детектираме едни исти проблеми во местата на задржување, кои како такви се нотирани и од меѓународните мониторинг тела “. Ова, меѓу другото, го кажа народниот правобранител, г.Насер Зибери на прес-конференцијата на која го презентираше единаесеттиот Годишен известај на Националниот превентивен механизам. Зборувајќи за условите во затворите, тој потенцираше дека најлоша е состојбата во најголемиот затвор до државата КПД „Идризово“ каде е сместена половина од затворската популација. „Веќе со години наназад состојбата во КПД Идризово е повеќе од загрижувачка и далеку под сите минимум стандарди. Во оваа установа се наоѓаат повеќе од половина од сите осудени лица, а повеќе од петстотини лица или една четвртина од целокупната осуденичка популација се сместени во затвореното одделение и во т.н. одделение „амбуланта“. Бројот на осудени лица коишто се сместени во некои крила од овие одделенија е двојно повеќе од реалниот капацитет. Тимот на НПМ констатираше дека се сместуваат и по 16 осудени лица во една просторија, па така на пример во просторија од 16,5m2 со 8 кревети беа сместени 16 осудени лица, а во друга просторија од 19m2 беа сместени 12 осудени лица. Во голем број простории со неадекватни услови се сместуваат и по повеќе од 9 осудени лица. Проблемот со прекубројноста е последица на тоа што поради несоодветните материјални услови не се врши сместување во т.н. „второ“, „петто“ и „осмо“ крило. Но, условите за сместување не се ништо подобри ниту во оние простории коишто сѐ уште се користат. Во оваа смисла, условите во коишто се сместени осудените лица во затвореното одделение, како и во т.н. одделение „амбуланта“, слободно може да се опишат како нехумани и деградирачки“, истакна народниот правобранител, г.Насер Зибери. Во однос на полициските станици, тој посочи дека во 2021 година беа посетени полициските станици од општа надлежност во Струмица, Радовиш, Валандово, Гевгелија, како и во Кичево, Струга, Охрид и Дебар. „Фокусот на посетите беше испитување на можноста лицата во полициските станици да го користат правото на адвокат, како една од гаранциите за превенција од тортура или друго несоодветно постапување од страна на полициските службеници. Утврдената фактичка состојба упатува на тоа дека само 5% од привeдените и лицата лишени од слобода го искористиле ова право, додека кај задржаните лица тој процент е 10-15%. Нискиот процент на користење на правото на адвокат најчесто се должи на социо-економската состојба на лицата коишто се спроведуваат во полициските станици.Дополнително, за време на посетите беше констатирано дека дури и во оние случаи кога задржаните лица имаат право да повикаат адвокат од листата на дежурни адвокати за коишто трошоците треба да се покријат од државниот буџет, тие за тоа не се известуваат, а некои од полициските станици воопшто не ни располааг со вакви официјални листи.Ова, само по себе говори дека нема доволно развиен правен и фактички механизам што ќе им се овозможи на лицата кои сакаат, а сметаат дека немаат доволно средства, да го искористат правото на адвокат во полициската постапка“, истакна Зибери.