ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ПРЕЗЕНТИРАНИ НАОДИТЕ ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО ЗА СОСТОЈБАТА СО ДЕЦАТА НА УЛИЦА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
12.04.2024, СКОПЈЕ
По повод 12 Април - Меѓународниот ден на децата на улица, државниот советник од канцеларијата на Народниот правобранител, г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа ги презентираше наодите од истражувањето за „Состојбата со децата на улица во Република Северна Македонија“. Таа, во своето излагање истакна дека дневните центри не се доволни за децата питачи конечно да се тргнат од улица и да се вратат онаму каде што припаѓаат, согласно својата возраст (градинките и улилиштата). „Освен во Скопје, во останатите градови вакви дневни центри воопшто и нема, со што се остава ова поле отворено, односно не им се дава можност на овие деца да бидат згрижени и да научат дека питачењето не е начин за заработка и дека не треба да претставува извор за егзистенција. Државата мора систематски да го реши ова прашање, или да им помогне и на родителите на овие деца, преку нивно вработување /финансиско помагање, сѐ со цел децата да одат на училиште и со тоа да се подготвуваат за нивно вклучување во оштеството“, истакна Бајрамовска- Мустафа. На презентацијата присуствуваа и претставници од дневните центри од општините Шуто Оризари и Кисела Вода. Инаку, настанот беше организиран во рамките на ЕУ проектот „Зајакнување на основните права и засилена примена на алтернатините мерки“, финансиски подржан од Европската Унија.