ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ПОРАКА ПО ПОВОД 3. ДЕКЕМВРИ - МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
03.12.2022, СКОПЈЕ
Поминаа 30 години од денот кога Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи овој ден 3.Декември за Меѓународен ден на лицата со попреченост- ден за подигнување на јавната свест за правата на лицата со попреченост.Овгодинешното чествување е на темата „Трансформативни решенија за инклузивен развој: улогата на иновациите во поттикнувањето пристапен и правичен свет“ и е со цел преземање акции и дејствија за изнаоѓање соодветни решенија во градењето на поодржлив и поотпорен свет за сите. Глобалната пост-ковид, економска и енергетска криза со кои се соочува човештвото, вклучително и нашата држава, претставуваат состојби на ризик и хуманитарни вонредни состојби, во кои лицата со попреченост се едни од најранливите категории на граѓани кај кои постои особен ризик да бидат најисклучени и изоставени. Во согласност со максимата на Агендата за одржлив развој 2030 година „никој да не биде изоставен“, од клучно значење е владите, јавниот и приватниот сектор заеднички да најдат иновативни решенија за и со лицата со попреченост, со цел светот да го направат инфраструктурно попристапен и правично место за живеење. Народниот правобранител како орган кој посветено работи на полето на заштита на човековите права и слободи на лицата со попреченост, потсетува на обврската за обезбедување услови и создавање можности за што поголема промоција, заштита и унапредување на правата на лицата со попреченост, и нивно активно вклучување, со цел активен придонес во создавањето на инклузивно општество. Како позитивен исчекор е отпочнувањето на процесот на изготвување на Национална стратегија за правата на лицата со попречност, тековните процеси на деинституционализација и инклузивно образование, како и законско уредување на функционалната проценка согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ), но сепак уште многу треба да се работи, особено во насока на хармонизација на националната легислатива со ратификуваната Конвенција за права на лицата со попреченост, со цел воведување на законска обврска за почитување и уживање на правата на лицата со попречност на еднаква основа со другите. Народниот правобранител смета дека проблемите со кои се соочуваат овие лица се системски и долготрајни, па државата треба попосветено да се заложи за остварување на правата на лицата со попреченост, пришто, да се пристаппи кон решавање на проблемите, заеднички со лицата со попреченост и нивните претставнички организации, овозможувајќи им притоа значајно учество во процесите со што би се постигнале промени во посакуваната насока.
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ