ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ПОРАКА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ПО ПОВОД ПОЧЕТОКОТ НА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА

02.09.2024, СКОПЈЕ

Народниот правобранител на почетокот на учебната година на сите ученици им посакува успешна учебна година, исполнета со добро здравје и среќа, во која покрај стекнување на нови знаења, умеења и вештини и проширување на стекнатите, ќе биде година исполнета и со стекнување на другарства кои ќе се базираат на меѓусебно разбирање и почитување.

Во оваа прилика, Народниот правобранител упатува апел до сите чинители во воспитно-образовниот процес, како и до родителите, да дадат максимален влог во воспитувањето и образованието на децата, со обезбедување на неопходната поддршка, внимание и грижа, при тоа секогаш тргнувајќи од најдобриот интерес на детето, почитувајќи ги децата како носители на права и со нивно вклучување во процесите на донесување одлуки кои се однесуваат на нив, на децата.

Народниот правобранител ги потсетува креаторите на политиките во образованието дека основното и средното образование се задолжителни и бесплатни, а обезбедувањето учебници, наставни средства и дидактички материјали, бесплатен превоз на учениците, се само дел од предусловите за непречено одвивање на квалитетен образовен процес за сите деца, при што максимално да се заложат за вклучување во образование и на децата од ранливите и маргинализирани групи, преку обезбедување на услови за редовност во наставата.

Следењето на состојбата со инклузивното образование за учениците со попреченост останува да биде во фокусот на Народниот правобранител и во учебната 2024/2025 година. Следствено, Народниот правобранител ја цени заложбата на Министерството за образование и наука за дефинирање нови решенија во законите за основно, средно и средно-стручно образование, при што потенцира дека какви било измени и дополнувања на регулативата, треба да се во насока на почитување на принципот на најдобар интерес на детето и правата кои произлегуваат од Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата за права на лицата со попреченост.

Во овој контекст, тргнувајќи од значењето на образованието за развојот на личноста на детето, Народниот правобранител потсетува на обврската за обезбедување на правото на образование на секое дете без дискриминација, и врз основа на еднакви можности, во инклузивен систем на образование на сите нивоа, при што децата со попреченост не се исклучени од бесплатно и задолжително основно или средно образование врз основа на попреченост. Воедно, треба да се осигура разумно прилагодување за децата со попреченост, како и добивање на потребната поддршка, односно индивидуализирани мерки за поддршка, во рамките на општиот образовен систем заради нивно ефикасно образование и максимизирање на академскиот и социјалниот развој. Народниот правобранител, го потенцира ставот на Комитетот за правата на лицата со попреченост при Обединетите нации дека „Инклузивното образование треба да се сфати како основно човеково право на сите ученици. Образованието е право на поединечниот ученик/дете, а не право на родителот. Родителските права и одговорности во овој поглед се подредени на правата на детето. Сите мерки за поддршка на учениците со попреченост треба да бидат во согласност со инклузијата, да се наменети за јакнење на можностите на овие ученици да учествуваат во училницата и надвор од неа, во училиштето, заедно со своите врсници, наместо да се сегрегирани во посебни училишта.“ Во овој контекст, Народниот правобранител апелира на исполнување на обврската за преземање мерки кон унапредување на инклузивното образование, укажувајќи дека секоја ретроградна мерка во тој поглед е недозволива и на штета на детето.

Народниот правобранител, посакувајќи им среќа и успешна училишна година упатува апел до децата/учениците, првенствено да се информираат и да знаат кои се нивните права, а секое евентуално недоразбирање со соучениците/врсниците да го решаваат преку разговор/дијалог, со помош и поддршка од стручните служби во училиштето. Воедно, апелира до родителите/старателите и наставниците да бидат постојана поддршка на децата/учениците во насока на препознавање на случаи кога нивните права не се почитуваат, запознавајќи ги со механизмите за заштита на правата на детето, меѓу кои и Народниот правобранител, како инстутуција, во која во секое време можат да се обратат за да пријават евентуални повреди на правата, а Народниот правобранител согласно неговите ингеренции ќе преземе мерки за нивно решавање, надминување и унапредување на правата на секое дете, на подеднаква основа.

НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ