ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ОБЈАВЕН ИЗВЕШТАЈОТ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ-НАЦИОНАЛЕН ПРЕВЕНТИВЕН МЕХАНИЗАМ ЗА 2020 ГОДИНА
25.06.2021, СКОПЈЕ
Народниот правобранител, г. Насер Зибери на прес-конференција го објави Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам за 2020 година, кој во рамките на својот мандат и надлежности, континуирано го следи постапувањето и почитувањето на правата на лицата во местата на лишување од слобода и задржување, а со цел превенција од тортура и друг вид на сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. „Минатата година, тимот на НПМ спроведе 25 ненајавени посети, од кои: 9 посети на полициски станици, 10 на казнено-поправни установи и 6 посети на прифатните центри за сместување и задржување на странци, односно мигранти и баратели на азил. Воспоставената пракса за ангажирање на експерти од различни профили и институции за време на овие посети, придонесе за обезбедување на мултипрофесионален пристап во работата на Националниот превентивен механизам и дополнително јакнење на капацитетите. Реазлизираните посети беа тематски, па така во казнено-поправните установи тие беа насочени кон испитување на третманот кон лицата со нарушувања предзвикани од употреба на дроги, во полициските станици се испитуваше пристапот до правото на адвокат, додека посетите во центрите за сместување и задржување на мигранти, односно странци и баратели на азил, имаа за цел констатирање на состојбите во однос на преземените мерки и активности за спречување на појава и ширење на вирусот“, рече, меѓу другото на прес-конференцијата народниот правобранител, г.Насер Зибери. Тој, како алармантна ја опиша состојбата во затворите, особено во поглед на медицинскиот третман и третманот со лекови на затворениците-зависници од наркотици и други опијати, од причина што во најголемиот дел од нив нема лекари, психијатри, а недостасуваат и лекови за соодветен третман. „Сериозно загрижувачка е состојбата во Затворот Куманово каде што 35,5% од осудени лица и дури 65% од вкупниот број притворени лица се со нарушувања предизвикани од употреба на дрога.Во состав на медицинскиот персонал во Затворот редовно е ангажиран еден - 1 медицински техничар, а само 2 пати неделно или по потреба доаѓа општ лекар од Итната медицинска помош.При прием на лицата во Затворот не им се вршат првични прегледи од страна на психијатар, а голем дел од затворениците самите истакнуваат дека и воопшто не биле прегледни од психијатар.Во оваа смисла, беше констатирано и дека во Затворот Куманово не им се укажува медицинска грижа на оваа категорија затвореници во периодите на апстиненцијална криза ниту пак, имаат соодветна психосоцијална поддршка“, истакна г.Зибери. Народниот правобрантел ги соопшти и констатираните состојби и во поглед на правото на пристап до адвокат во полициските станици од општа надлежност во Скопје, при што истакна дека и тука состојбите се загрижувачки. „За време на посетите е констатирано дека поуката за правото на адвокат се сведува на кратко известување дека лицето има право на адвокат и прашање дали сака да ангажира адвокат, од страна на сменоводителот/службеникот за прифат, непосредно по нивното спроведување во полициската станица.Задржаните лица скоро никогаш не се известуваат за можноста да повикаат адвокат/бранител од листата на дежурни адвокати на товар на буџетот на државата, во случаите кога се исполнети условите за тоа, а општ впечаток е дека поглемиот број од сменоводители/службени лица не беа ниту запознати со таквата можност којашто е предвидена во Законот за кривичната постапка. Во некои од полициските станици беа затекнати листи на адвокати по службена должност што датираат од пред десетина и повеќе години, па така на пример во некои полициски станици наместо листа на дежурни адвокати имаше Адвокатски роковник издаден од АКРМ во 2012 година, а во некои други, пак, наидовме на визит-карти од адвокати коишто ги имале оставено. Како еден од најсериозните проблеми што беше нотиран за време на посетите е обезбедувањето на адвокат/бранител за деца во случаите кога тоа е задолжително законски предвидено“, рече на прес-конференцијата нардониот правобранител, г.Насер Зибери.