ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ПРЕЗЕНТИРАН ПОСЕБНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА СООДВЕТНА И ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР ЗА 2022 ГОДИНА
07.12.2023, СКОПЈЕ
„Посебниот извештај за 2022 година, во својата содржина опфаќа неколку дела, така што, меѓудругото, содржи табела со сите институции кои се составен дел на јавниот сектор, како и краток осврт на констатираната состојба, односно согледувања, критики и препораки.Извршената анализа на прибраните податоци покажува дека мал е бројот на институции и установи, единици на локалната самоуправа и субјекти формирани од нивна страна, кои во 2022 година имаат солиден учинок во остварувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, за разлика од оние кои не ги задоволуваат законски пропишаните норми и кои отстапуваат на сите полиња. Карактеристично за овие институции е дека имаат вработено лица само од мнозинската, а кај некои и од втората по големина етничка заедница, и немаат вработено лица од помалите заедници, или пак, имаат вработено само мал број, при што не постои одредена процентуална застапеност посебно во раководниот кадар на помалите заедници. Констатација на Народниот правобранител е дека скоро сите помалубројни заедници се застапени со скоро идентичен процент на вработени како и изминатите години, што значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност“. Ова, меѓу другото, го кажа народниот правобранител, г.Насер Зибери на прес-конференцијата на која го презенираше Извештајот за соодветна и правична застапеност за 2022 година. За потребите на ова истражување, Народниот правобраниел, за 2022 година достави барање до вкупно 1325 институции и органи, по кои барања, за прв пат оваа година, добиени се одговори од сите институции во електронска форма што е за поздравување. „Согледувајќи го табеларниот приказ на вкупниот број на вработени лица во јавниот сектор, може да се заклучи дека во 2022 година, постои намалување на бројот на вработени лица и на збирно ниво е намален за 3,722 лица во споредба со минатата година, кога вкупниот бројот на вработени лица изнесувал 134.099 лица, додека сега тој број е 130.377 лица. Во однос на минатата година, 2022 година на збирно ниво забележано е намалување на бројот на вработени од македонската заедница за 0,9 %, кога таа била застапена со 71,9%. Кај албанската заедница, изминатата 2022 година забележано е зголемување на бројот на вработени во јавниот сектор за 0,8%, за разлика од минатата година кога таа била застапена со 20,6% од вкупниот број на вработени, што значи дека денес е застапена со 21,4%. Турската заедница бележи пораст од 0,1% во вкупниот број на вработени во јавната администрација, за разлика од минатата година кога нивниот број бил 2,0%, денес е 2,1%. Ромската заедница останува на ист степен на застапеност како и минатата година, со застапеност од само 1,3% во јавниот сектор, што е идентично и за српската заедница која е застапена со 1,4%. Кај влашката заедница има намалување од 0,1% за разлика од минатата година кога нивниот број изнесувал 0,7%. Бошњачката заедница останува на ист степен на застапеност како и минатата година, со застапеност од 0,5%, а лицата кои се определиле како припадници на некоја друга заедница застапени се со 0,7%, број кој соодветствува на претходната извештајна година“, истакна народниот правобранител, г.Насер Зибери.