ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА И ПРЕПОРАКИ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ОБРАЗОВНИ И ЛИЧНИ АСИСТЕНИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ

22.08.2023, СКОПЈЕ

Народниот правобранител подготви и до Министертствата за образование и наука, за здравство и за труд и социјална политика достави Информација за инклузивното образование со фокус на остварување на правото на образовна и лична асистенција за учениците со попреченост во општинските основни училишта во учебната 2022/2023 година.

Од анализата на добиените податоци во врска со состојбата со инклузивното основно образование со фокус на обезбедената услуга - образовна и лична асистенција, Народниот правобранител меѓу другото го констатира следното:

Во учебната 2022/2023 година Министерството за образование и наука го зголемил бројот на образовни асистенти и изнесувал 720, кои давале услуга на вкупно 775 ученици со попреченост вклучени во општинските основни училишта. Основните училишта со ресурсен центар вршеле рационализација на распределените образовни асистенти, така што над 55 образовни асистенти истовремено давале поддршка на повеќе од еден ученик. Но, и покрај напорите секој ученик да ја добие потребната поддршка, вкупно 61 ученик со попреченост, во оваа учебна година, настава следеле без поддршка од образовен асистент.

Народниот правобранител со цел надминување на проблемите и остварување на ефикасна и непречена инклузија на децата со попреченост и целосно учество во наставниот процес за новата 2023/2024 година, согласно најдобриот интерес на детето му препорача на Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство, секој во рамките на своите надлежности да ги преземе потребните дејствија и мерки со цел обезбедување на целосно и квалитетно инклузивно образование за секое дете.

Проценката за потребата од дополнителна поддршка на ученикот (детето) да се спроведе благовремено, и со почетокот на учебната година децата да можат да ги користат наведените услуги согласно наодот и мислењето од извршената стручна проценка на функционирање според МКФ. Исто така, препорача обезбедување на потребниот број образовни и лични асистенти за секој ученик за кој е тоа потребно, а услугите да бидат обезбедени од претходно добро обучени асистенти, и истите во текот на давањето на услугата континуирано да бидат мониторирани од страна на компетентни стручни лица.