ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ДА ИЗГРАДИМЕ ОПШТЕСТВО КАДЕ СЕКОЈ ИМА МОЖНОСТ ДА НАПРЕДУВА
03.12.2025, СКОПЈЕ
Апел на Народниот правобранител по повод 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост
На 3-ти декември, кога се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Народниот правобранител потсетува на обврската од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост за обезбедување на истите права и слободи за сите граѓани на еднаква основа. Оваа обврска, вклучува целосно учество на лицата со попреченост во општеството, пристап до образование, здравство, работа и услуги, како и отстранување на сите форми на дискриминација. Овој ден нѐ потсетува на одговорноста како општество, да овозможиме достоинствен живот, почит и еднаквост на лицата со попреченост и нивно активно вклучување во јавните политики.
Свесни сме за предизвиците, кои се системски и долготрајни, како и за потребата од поддршка и охрабрување на лицата со попреченост и подобрување на нивната информираност и свесност за правата кои ги имаат, како и за механизмите на заштита кои им стојат на располагање. За да се надминат овие предизвици, потребни се значителни и системски напори за применување/спроведување на законската регулатива и политики во секојдневната практика. Клучни се промените во сите сектори, опфаќајќи ги сите аспекти – од закони и политики, преку буџети, програми, системи и услуги, до ставовите на општеството. Народниот правобранител апелира до носителите на одлуки, на сите нивоа, да ги подобрат политиките и програмите со кои ќе се поддржат лицата со попреченост, ќе се отстранат бариерите во опкружувањето и во ставовите на луѓето и ќе се обезбеди рамноправно учество во заедницата. Потребно е сите да работиме заедно со лицата со попреченост и да ги прифатиме како еднакви партнери. Инклузијата не е само прашање на права – таа е основа за посилни, поотпорни и поздрави заедници. Кога инклузијата е вистинска, сите имаме полза. Заедно можеме да изградиме општество каде секој има можност да напредува.