ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
Националниот превентивен механизам (НПМ) согласно Факултативниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување е национално тело кое редовно го испитува постапувањето кон лицата лишени од слобода со цел зајакнување, ако е потребно, на нивната заштита од тортура и од друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, дава препораки на релевантните органи со цел подобрување на постапувањето и на условите на лицата лишени од слобода и спречување на тортура и друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, земајќи ги предвид релевантните норми на Обединетите нации, како и поднесува предлози и согледувања во врска со постоечкото или со нацрт- законодавството.Со Законот за ратификација на Факултативниот протокол Република Македонија даде изјава дека Народниот правобранител е назначен да дејствува како Национален превентивен механизам, а во соработка и со претходна согласност на Народниот правобранител и невладини организации и организации кои имаат статус на хуманитарни организации во Република Македонија можат да преземат некои од надлежностите на НПМ. По донесувањето на Законот за ратификација на Факултативниот протокол од страна на Република Македонија, со кој Народниот правобранител се назначи за национално тело за превенција од тортура, беа преземени неопходните чекори за негово воспоставување. Следејќи ги препораките на Поткомитетот за превенција од тортура при Обединетите нации, во рамки на Народниот правобранител е формирано посебно одделение - Национален превентивен механизам (НПМ), чија основна задача е превенција на тортура и друг вид на сурово, нечовечно и понижувачко постапување или казнување.НПМ во Република Македонија согласно овластувањата кои произлегуваат од Факултативниот протокол има пристап до сите податоци и информации што се однесуваат на бројот на лица лишени од слобода, како и до бројот на места и нивни локации; има пристап до сите информации што се однесуваат на постапувањето со тие лица, како и на условите на нивното лишување од слобода; има пристап до сите места на лишување од слобода и нивните инсталации и објекти; има можност за разговори без надзор со лицата лишени од слобода, без сведоци и тоа или лично или со преведувач, ако тоа се смета за неопходно, како и со било кое друго лице за кое националниот превентивен механизам смета дека може да му даде релевантни информации; има слобода да ги избере местата кои сака да ги посети и лицата со кои сака да разговара; како и право на контакти со Поткомитетот на ОН за превенција на тортура, на истиот да му испраќа информации и со истиот да одржува состаноци.