ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
УЧЕСТВО НА СОСТАНОК НА МРЕЖАТА НА НАЦИОНАЛНИ ПРЕВЕНТИВНИ МЕХАНИЗМИ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА
20-22.06.2022, ВИЕНА, АВСТРИЈА
Претставници на Народен правобранител-Националниот превентивен механизам (НПМ), м-р Славица Димитриевска, државен советник и м-р Александар Тренкоски, советник, учествуваа на првиот од двата предвидени состаноци за 2022 година на Мрежата на Национални превентивни механизми на Југоисточна Европа. Состанокот беше во организација на Австрискиот омбудсман борд, односно Националниот превентивен механизам на Австрија како претседавач на Мрежата оваа година. Темата на овогодинешниот состанок беше посветена на посебните потреби на старите лица и лицата со физичка попреченост во местата на задржување, односно казнено-поправните установи. На состанокот имаше претставници на Националните превентивни механизми на Албанија, Австрија, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Косово, Романија, Србија и Словенија, а имаше претставник и од Советот на Европа. За време на состанокот и во текот на дискусиите претставниците од секој НПМ имаа можност да ги споделат своите искуства во делот на мониторингот на состојбите, постапувањето и условите во кои е сместена оваа ранлива категорија на осудени и притворени лица и во оваа смисла беа споделени добри и лоши пракси. Една од темите на состанокот беше видливоста и препознатливоста на Националните превентивни механизми и во оваа смисла беше разговарано за модалитетите на коишто треба да се известува меѓу пошироката јавност. Од состанокот произлегоа заклучоци во насока на подобрување на постапувањето кон старите лица и лицата со физичка попреченост во местата на задржување, односно казнено-поправните установи, и тоа:
Постарите осудени и притворени лица треба да бидат сместени заедно со општата затворска популација, а условите за сместување мора да бидат соодветни на нивните потреби почитувајќи го нивното достоинство,
Осудените и притворени лица кои имаат потреба од посебна грижа поради својата возраст или физичка попреченост, треба да бидат згрижени во соодветни простории,
Сите казнено-поправни установи мора да располагаат со соодветен број обучени негуватели,
Доколку за овие лице се грижат други осудени и притворени лица, тие треба да бидат соодветно поддржани и обучени. Треба да се регулираат и прашањата при можна одговорност како резултат на лоша грижа,
За целиот персонал кој е вклучен во надзорот и грижата за постарите осудени и притворени лица со физичка попреченост мора да се организираат редовни и специфични обуки,
Во подготовителниот период пред пуштање на слобода на оваа ранлива група, државните власти треба да обезбедат соодветна помош според индивидуалните потреби.