ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

УЧЕСТВО НА СОСТАНОК НА МРЕЖАТА НА НАЦИОНАЛНИ ПРЕВЕНТИВНИ МЕХАНИЗМИ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

15-16.11.2022, ВИЕНА, АВСТРИЈА

Претставници на Народен правобранител-Националниот превентивен механизам (НПМ), м-р Славица Димитриевска, државен советник и м-р Бардхил Лимани, соработник учествуваа на вториот состанок на Мрежата на Национални превентивни механизми на Југоисточна Европа. Состанокот беше во организација на Австрискиот омбудсман борд, односно Националниот превентивен механизам на Австрија како претседавач на Мрежата, а финансиски беше поддржан од Советот на Европа. Темата на вториот состанок беше посветена на менталното здравје и проблеми со кои се соочуваат децата лишени од слобода, како и оние со физичка попреченост, но и примената на средства за присилба на нив во местата каде се задржани и лишени од слобода, односно заводи, психијатриски болници, воспитно- поправни и казнено-поправните установи. На состанокот учествуваа претставници на Националните превентивни механизми на Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Косово, Србија, Црна Гора и Словенија, а имаше претставник и од Советот на Европа. За време на состанокот и во текот на дискусиите претставниците од секој НПМ имаа можност да ги споделат своите искуства во делот на мониторингот на состојбите, постапувањето и условите во кои е сместена оваа ранлива категорија на деца и во оваа смисла беа споделени добри и лоши пракси. Од состанокот произлегоа заклучоци во насока на подобрување на постапувањето со децата со ваков вид попреченост во местата на задржување и тоа:

- Лицата со попреченост, особено децата, ќе уживаат посебна заштита. Средствата за присилба може да се применат само врз основа на закон и во согласност со националните и меѓународните стандарди.

- Сите физички и медицински средства за присилба може да се користат само како последно средство и тоа откако биле преземени сите обиди за деескалација. Истите треба да бидат применети во најкратко потребно време и под постојан надзор. Сите средства за присилба ќе бидат и под надврешен надзор/мониторинг.

- За време на примена на мерките за присилба од механичка природа, негувател/медицинска сестра мора да биде постојано присустен.

- Во сите установи во кои се задржуваат деца и/или лица со попреченост, причините, видот и времетраењето на преземените мерки на присилба мора да бидат соодветно документирани.