ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

УЧЕСТВО НА ПРВИОТ СОСТАНОК НА МРЕЖАТА НА НАЦИОНАЛНИ ПРЕВЕНТИВНИ МЕХАНИЗМИ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

24-25.05.2023, СОЛУН, ГРЦИЈА

Претставник на Народен правобранител-Националниот превентивен механизам (НПМ), м-р Славица Димитриевска - државен советник, учествуваше на првиот состанок за 2023 година на Мрежата на Национални превентивни механизми на Југоисточна Европа, во организација на грчкиот НПМ како претседавач со Мрежата за оваа година.

Темата на првиот состанок беше „Следење на состојбата во одделенијата за ментално здравје во пенитенцијарните установи“, со што темелно се дискутираше за начинот на кој се постапува со лицата лишени од слобода на кои им е изречена мерка безбедност или лица лишени од слобода, а чие ментално здравје е нарушено во текот на издржување на казната.

На состанокот учествуваа претставници на Националните превентивни механизми од Албанија, Австрија, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Косово, Србија, Црна Гора и Словенија.

За време на состанокот и во текот на дискусиите, претставниците од секој НПМ имаа можност да ги споделат своите искуства во однос на следење на состојбите во установите во кои се извршува оваа мерка на безбедност, постапувањето и условите во кои се сместени лицата лишени од слобода со нарушено ментално здравје или состојба на непресметливост, како и предизвиците со кои се соочуваат НПМ тимовите при реализација на ваквиот вид посети.

Од состанокот произлегоа заклучоци во насока на подобрување на состојбите што до одреден степен се заеднички за сите земји, и тоа:

- Нарушеното ментално здравје се повеќе доминира меѓу затворската популација,
- Без оглед на начинот на кој ваквите установи се организирани, дали во самите затвори или како форензички одделенија во рамки на психијатриските болници, потребно е да се преземат чекори со што ќе се обезбеди истовремено комбинирање на казната со индивидуализираната психијатриска нега,
- Затворските оддделенија за ментално здравје или форензичките одделенија треба да бидат соодветно материјално и терапевтски опремени,
- Потребно е да се гарантираат јасни граници помеѓу здравствените работници и затворскиот персонал,
- Ваквиот вид установи треба да бидат соодветно опремени со кадар од сите потребни профили (здравствени работници, психолози, психијатри, социјални работници и др.),
- Лицата сместени во овие одделенија треба да бидат соодветно информирани и согласни за терапијата што ја примаат, документацијата за нив треба да се чува соодветно, со посебна грижа во однос на доверливоста на податоците,
- Потребен е постојан и редовен надзор од страна на надворешно тело со што ќе се врши контрола и надзор на севкупниот процес,
- Затворските власти треба да знаат дека несоодветно овозможената грижа за менталното здравје на лицата лишени од слобода претставува нечовечко или понижувачко постапување.