ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ЗАМЕНИК-НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ Г-ЃА СУЗАНА САЛИУ УЧЕСТВУВАШЕ НА ОБУКА ,,ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА НЕДОЗВОЛЕНАТА ТРГОВИЈА И ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ“

05-07.07.2022, ГРОНИНГЕН, КРАЛСТВО ХОЛАНДИЈА

Заменик-народниот правобранител, Сузана Салиу и државниот советник, Снежана Теодосиевска Јордановска учествуваа на обуката „Предизвиците на недозволената трговија и организиран криминал“, која од 05 до 07 јули 2022 година, се одржа во Гронинген, Кралство Холандија. Обуката беше организирана од Центарот за европски безбедносни студии (CESS) - Холандија, Институтот за политички студии (ISP) - Албанија, Косовскиот институт за истражување и развој (KIPRED) и Институтот за демократија „Societas Civilis“ (IDSCS) - Северна Македонија. Предавањата се однесуваа на теми како „Борбата против недозволената трговија согласно законите“, „Перење на пари“, „Трговија со дрога“, „Корупцијата и владеењето на правото“, „Интерната соработка на агенциите во борбата против организираниот криминал“. На овие специализирани теми предаваа познати професори од Универзитетот на Гронинген, претставници од полицијата и локалната самоуправа на Гронинген, од правосудството и други експерти.

Во текот на обуката беа презентирани искуствата во справувањето со организираниот криминал, корупцијата, недозволената трговија и други појави на недозволени дејствија, како во Холандија како земја домаќин, така и во другите земји учеснички, Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово.

На обуката, меѓу другото, беа донесени низа заклучоци кои можат да придонесат во поефикасна борба против организираниот криминал, како што е соработката и координацијата меѓу домашните институции, полицијата, јавното обвинителство, тајните и безбедносните структури, локалната и централната власт, банките, Народниот правобранител, невладините организации, медиумите, како и други институции. Неопходна е регионална и меѓународна соработка, а пред сѐ, функционирањето на независно и ефикасно судство.

Исто така, беше истакнато дека во справувањето со организираниот криминал потребно е да се почитуваат принципите на владеењето на правото, усвојување и имплементација на домашното и меѓународното законодавство и почитувањето на човековите права и слободи.