ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

25 ГОДИНИ ОД ВОСТАНОВУВАЊЕТО НА ИНСТИТУЦИЈАТА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ

12.12.2023, СКОПЈЕ

„Кога станува збор за одбележувањето на 25 годишнината од востановувањето на Институцијата Народен правобранител, која сега ја раководам, би сакал да се навратам на нејзините почетоци, но од еден друг аспект - од аспект на нејзиното втемелување во Уставот, а потоа и донесувањето и на Законот за народниот правобранител. Напуштањето на системот на колективна одговорност и ставањето на граѓанинот на прво место бараше и формирање на институција која ќе ги штити неговите слободи и права, и мислам дека на уставотворците тоа им беше еден од главните мотиви што во членот 77 предвидоа дека во државата мора да функционира независно национално тело за заштита на правата на граѓаните. Самиот факт што Институцијата е втемелена во Уставот, укажува на нејзиното значење во и за општеството во целина“, истакна во своето обраќање до присутните народниот правобранител, г.Насер Зибери, на приемот организиран по повод одбележувањето – 25 години од востановувањето на Институцијата и 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за правата и слободите на човекот, организиран со поддршка на проектот „Владеење на правото“, финансиран од Европската Унија.

Тој посочи дека иако е релативно млада по години, сепак Институцијата е соодветно претставена во општеството и граѓаните знаат каде да се обратат за заштита на нивните права. Говорејќи за развојот на Институцијата низ годините, Зибери рече дека со жалење може да констатира дека државата не го следи растот на институцијата,истакнувајќи ги сѐ почестите предизвици за Институцијата и низата проблеми коишто се провлекуваат низ годините, пред сѐ поради финансиите, висината на личните примања на вработените, а исто така и дел од механизмите сѐ уште не се соодветно утврдени во законски рамки, за што, како што рече, имаат забелешки и од државната ревизија, потоа кадровската екипираност, па се до просторните услови.

Претседателот на Собранието на РС.Македонија, г.Талат Џафери во своето обраќање нагласи дека во овие 25 години на постоење и работа, Народниот правобранител се потврди како високо професионална и независна институција, која во својата работа поаѓа од принципите на еднаквост во заштитата на правата и слободите на граѓаните, без разлика на пол, боја, раса, вера, политичка припадност и слично, и ова дава надеж.

На одбележувањето на јубилејот присуствуваше и министерот за внатрешни работи, г.Оливер Спасовски, кој истакна дека Народниот правобранител веќе 25 години професионално ги извршува своите надлежности, а дека Министерството за внатрешни работи даваат целосна поддршка и охрабрување за понатамошен проактивен пристап на постапки кои значат елиминирање на злоупотребата и на кршењето на човековите права. Министерот за правда, г.Кренар Лога честитајќи го јубилејот истакна дека за едно демократско општество од голема важност е постоењето на Институцијата Народен правобранител како заштитник на правата на граѓаните.Пред присутните се обрати и г-ѓа Марија Kанелополу претставник од елегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

На свеченоста присуствуваше и омбудсманката на Р.Хрватска, г-ѓа Тена Шимоновиќ Ајнвалтер, претставник на австрискиот Омбудсман Борд г. Јоханес Карениел, како и претставници на дипломатскиот кор, од судството, државни институции и од невладиниот сектор.