ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
УЧЕСТВО НА РАБОТИЛНИЦА „ПРЕКУ ЗАЕДНИЧКА СОРАБОТКА ДО ПРЕВЕНЦИЈА ОД СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО“
27.05.2025, СКОПЈЕ
Државниот советник на народниот правобранител, Васка Бајрамовска - Мустафа, на 27 мај 2025 година, учествуваше на едукативна работилница за превенција од семејно и родово базирано насилство, организирана од Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, што се одржа во Ресурсен центар –Општина Шуто Оризари. На работилницата, стана збор за значењето и улогата на меѓуресорското постапување и соработка во превенцијата од семејно и родово базирано насилство, со цел зголемување на довербата кон институциите, како и за улогата на локалната самоуправа во превенција од насилство. Бајрамовска-Мустафа, во своето обраќање се осврна на праксата на Народниот правобранител во заштитата на правата на жртвите на семејно насилство и родово базирано насилство, по поднесена претставка, информирајќи ги присутните за начините и чекорите во пријавувањето на случаите на семејно насилство, нивните права, како и обврските на органите на локално и национално ниво во постапување за заштита од насилство, ги запозна и со механизмите за заштита на жените - жртви на семејно насилство, охрабрувајќи ги да ги пријават случаите на насилство до надлежните органи. Оваа работилница, меѓудругото, имаше за цел подигнување на јавната свест за различните облици на насилство врз жените и механизмите за спречување на истите, со цел заштита и излегување/спас на жртвата од насилната средина.