ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
УЧЕСТВО НА НАЦИОНАЛНА ТРКАЛЕЗНА МАСА ЗА МОНИТОРИНГ НА ПРАВАТА НА ДЕЦАТА
28.03.2023, СКОПЈЕ
Претставници од Одделот за заштита на правата на детето и лица со попреченост при Народниот правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа и Албина Исмаили, учествуваа на Националната тркалезна маса за мониторинг на правата на децата, организирана од страна на УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика, која се одржа, во Клубот на пратеници во Скопје, а на која учествуваа претставници од министерствата, националните тела за мониторинг, невладиниот сектор, како и експерти за правата на децата. Во своето обраќање на панелот посветен на улогата на Националните институии за човекови права, м-р Васка Бајрамовска Мустафа, која раководи со Оделот за заштита на правата на детето ги изнесе согледувањата на Народниот правобранител за спроведувањето на Конвенцијата преку предметното постапување, потенцирајќи дека и во последниот Годишен извештај на Народниот правобранител нотирани се најголем број прекршувања на правата во областа Права на детето, и тоа во повеќе сфери (право на идентитет- име и државјанство, образование, здравствена заштита, заштита од секаков вид насилство, правата на децата со попреченост, припадниците на ромската заедница и сл.). Воедно, ги информираше присутните дека и Народниот правобранител достави Алтернативен извештај до Комитетот на ОН за правата на детето, при што областите за кои во заклучните согледувања на Комитетот се бара итно преземање мерки се истите за кои и Народниот правобранител континуирано, преку Посебни извештаи, Информации, како и во Годишните извештаи алармира и препорачува преземање мерки: координација на органите, недискриминација, насилство врз децата, правата на децата со попреченост, како и во врска со здравствената заштита и здравствените услуги за децата. Во вториот дел од настанот, преку дискусии и работа во групи, беа разгледани посебно сите области на дејствување преку предлагање и детектирање на следни чекори и активности на одговорните актери во правец на остварување на предложените препораки. Овој настан имаше за цел да поттикне согледување на улогите на сите засегнати страни вклучени во остварувањето, како и заштитата на правата на детето во сооднос со заклучните согледувања за комбинираните од трети до шести периодични извештаи за Северна Македонија, на Комитетот за правата на детето при ООН за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето, усвоени во септември 2022 година.