ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

УЧЕСТВО НА КООРДИНАТИВНИОТ СОСТАНОК И ПРЕЗЕНТИРАЊЕТО НА КОНЦЕПТОТ ЗА ИЗРАБОТКА НА МУЛТИСЕКТОРСКА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ПРАВАТА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ НА РСМ

25.05.2022, СКОПЈЕ

Државните советници од Одделот за заштита на правата на детето и лица со попреченост при Народниот правобранител, г-ѓа Васка Бајрамовска Мустафа и г-ѓа Весна Костиќ, на 25.05.2022 година, учествуваа на координативен состанок на кој беше презентиран Концептот за изработка на Мултисекторска национална стратегија за правата на лицата со попреченост на РСМ.

Овој процес e инициран и фасцилитиран од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија преку Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика како носител на Стратегијата. На процесот поддршка даваат Канцеларијата на GIZ и Агенциите на ОН во нашата земја.

На состанокот присутвуваа сите чинители кои се вклучени во процесот на изготвување на Стратегијата (претставници од министерствата, од националните инвалидски организации, организации на и за лица со попреченост, родителски организации, претставници на ОН агенциите), и на истиот беше презентиран Концептот, со посебен осврт на принципите, методологијата и предлог тематските области, по што беше отворена дискусија во која се вклучија со коментари повеќето од присутните.

Државниот советник која го раководи тимот за мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост при Народниот правобранител, м-р Васка Бајрамовска-Мустафа, ја потенцира важноста од изработка на овој значаен стратешки документ за државата, но превенствено за унапредување на правата на лицата со попреченост, особено ако се има предвид дека последната Стратегија беше со важност до 2018 година. Таа, појасни дека улогата и придонесот на Канцеларијата на Народниот правобранител како Механизам за следење на спроведувањето на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост ќе биде во давање експертски придонес од перспектива на човекови права и антидискриминација, при што во целокупниот процес ќе бидат вклучени граѓанските организации кои се дел од мониторинг механизмот.

Воедно, г-ѓа Бајрамовска Мустафа ја потенцираше важноста од партиципативно учество на директно засегнатите лица со попреченост, нивните претставнички организации, со цел практично остварување и почитување на мотото на заедницата на лицата со попреченост, но и од вклучување на прашањето на лицата со попреченост во работата на локалните самоуправи.

Осврнувајќи се на важноста од изработката на нова Националната стратегија за лицата со попреченост, согласно меѓународните стандарди, Бајрамовска-Мустафа потенцираше дека истата треба да биде проследена со Акциски план кој би содржел конкретни активности и мерки, како и временски рокови за нивно реализирање, со истовремено соодветното буџетирање на планираните активности, како истите би биле во пракса остварени.