ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

УЧЕСТВО НА ВТОРИОТ СОСТАНОК НА МРЕЖАТА НА НАЦИОНАЛНИ ПРЕВЕНТИВНИ МЕХАНИЗМИ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

30.11-01.12.2023, СКОПЈЕ

Претставници на Народен правобранител-Националниот превентивен механизам (НПМ), м-р Славица Димитриевска - државен советник и м-р Бардхил Лимани - соработник, учествуваа на вториот состанок за 2023 година на Мрежата на Национални превентивни механизми на Југоисточна Европа во организација на грчкиот НПМ како претседавач со Мрежата за оваа година. Состанокот овој пат се одржа во Атина.

Темата на овој состанок беше „Постојните политики и практики за образование во затворот, стручна обука и развој на вештини како права на затворениците и како средства за поддршка на рехабилитацијата и реинтеграцијата во општеството“. Па така, од една страна се дискутираа законските правила и норми во тој дел, наспроти праксата, односно она што всушност се случува на терен во пенитенцијарниот систем.

Од состанокот произлегоа заклучоци во насока на подобрување на состојбите што до одреден степен се заеднички за сите земји, и тоа:

- Образованието во местата на лишување од слобода е задолжително, особено кога станува збор за децата, а државите се тие кои треба истото да го овозможат заедно со организирање други обуки. Потребни се стратегии со фокус на рана интервенција и постпенална интеграција,

- Лицата лишени од слобода треба соодветно да бидат информирани за образовните програми и истите да имаат ист статус како и работните ангажмани,

- Заради спроведување образование, потребни се инфраструктура, материјални и човечки ресурси, административна поддршка, но и затворско обезбедување. Министерствата за образование треба да играат клучна улога во креирање образовен материјал, како и обезбедување соодветен кадар,

- Властите треба да промовираат непрекинато спроведување курсеви и да ја обезбедат севкупната инфраструктура и дигитални технологии,

- Секое ограничување или оневозможување да се спроведе овој процес треба да биде образложен и оправдан, особено кога се случува од безбедносни причини,

- Потребно е да се обезбеди еднаков пристап за сите лица лишени од слобода, особено оние помладите, како и ранливите групи: жени, постари лица и лица со когнитивна попреченост,

- Работилниците се важни заради развој на личноста и добросостојбата на лицата лишени од слобода, но тие не треба да го заменат образованието,

- Образовниот материјал треба да биде срочен така што ќе одговара на потребите на возрасни слушатели, како и на оние кои имаат одредени попречености. Од тие причини е потребна соодветна евалуација со цел одредување индивидуален план за секој осуденик,

- Потребен е пристап до информации за секој осуденик како старост, род, национална припадност, јазик на кој говори и степен на писменост со цел креирање соодветен материјал,

- Националните превентивни механизми треба да преземат иницијативи за лобирање кај државите за спроведување краткотрајни и долготрајни стратегии со цел надминување на празниот од помеѓу меѓународните стандарди, домашното законодавство и праксата.

Претседавањето со Мрежата за 2024 година ќе го преземе Бугарија.

На состанокот учествуваа претставници на Националните превентивни механизми од Австрија, Бугарија, Грција, Србија, Македонија и Словенија.