ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ТЕМАТСКИ ФОРУМ - КРИЗНАТА СОСТОЈБА ВО КАЗНЕНО-ПОПРАВНАТА УСТАНОВА КПУ-КПД „ИДРИЗОВО“
19.07.2023, СКОПЈЕ
Имајќи ја предвид прогласената кризна состојба на подрачјето на Општина Гази Баба на која Казнено-поправната установа Казнено поправен дом Идризово ја врши својата надлежност, а заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на установата (Одлука на Влада на Република Северна Македонија бр. 41-5397/31 , како и Одлука на Владата на Република Северна Македонија бр. 41-6712/3 од 07.07.2023 година)2, на 19 јули 2023 година, Македонското здружение на млади правници и Народен правобранител – Национален превентивен механизам, поддржани од Канцеларијата на Обединетите Нации во РС. Македонија, одржаа тематски форум на кој учествуваа челниците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Управата за извршување на санкции (УИС), КПУ-КПД „Идризово“, но и претставници на Армијата на РСМ, Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Хелсиншкиот комитет и Советот на Европа во РС. Македонија. По презентација на состојбата и предизвиците со кои се соочени главните чинители вклучени во Главниот штаб при ЦУК, како и дискусијата потоа, на средбата се усвоија следните заклучоци: - Владата да побара одобрување од Собранието за продолжување на кризната состојба имајќи предвид дека истата трае повеќе од 30 дена, - Државата да обезбеди финансиски средства за вработување на поголем број на припадници на затворската полиција и да се вложат напори за надминување на овој проблем, кој е, воедно и меѓу клучните причини за прогласување на кризната состојба, - Покрај целосно отстранување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на установата, посветено да се работи на системските долгогодишни недостатоци со кои се соочуваат пенитенцијарните установи, особено КПУ-КПД „Идризово“, пр:менаџирање со установата, пристап до здравствена заштита, пренатрупаност, психосоцијална заштита за осудените лица и пост-пенална грижа, - Да се вложат напори за подобрувањето на материјалните услови за осудените лица во КПУ-КПД „Идризово“ кои во одредени крила може да се подведат под нечовечко или понижувачко постапување или казнување, - Националниот превентивен механизам и граѓанските организации да продолжат со мониторинг на условите и третманот на осудените лица во казнено-поправните установи и да бидат вклучени и да се во тек со активностите преземени од страна на институциите за време на кризната состојба, - Државата да се осигура дека во своето постапување за време на кризната состојба ќе се почитуваат меѓународните стандарди и истото нема да е на штета на осудените лица кои издржуваат казна затвор во КПУ-КПД „Идризово“.
1 Одлука за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македнија бр.41-5397/3 од 6 јуни 2023 година (Службен весник на Р.С. Македонија бр.116 од 7 јуни 2023 год.)
2 Одлука за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македнија бр.41-6712/3 од 7 јуни 2023 година (Службен весник на Р.С. Македонија бр.116 од 7 јуни 2023 год.)