ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
СРЕДБА СО УЧЕНИЦИ ОД СУГС ГИМНАЗИЈА „НИКОЛА КАРЕВ“ СКОПЈЕ
17.03.2022, СКОПЈЕ
На покана на учениците од трета година од Средното училиште на Град Скопје (СУГС), Гимназијата „Никола Карев“, државниот советник, м-р Васка Бајрамовска –Мустафа, која го раководи Одделот за заштита на правата на детето и лица со попреченост при Народниот правобранител, реализираше предавање за човековите права и основни слободи, со посебен акцент на правата на детето и лицата со попреченост. На часот по предметот Вовед во право, г-ѓа Бајрамовска -Мустафа ги информираше учениците за организациската поставеност, надлежностите и начинот на работење на Народниот правобранител и неговите шест подрачни канцеларии низ Републиката. Посебен акцент беше ставен на правата на детето согласно Конвенцијата заправата на детето и регулативата која уредува права на оваа категорија граѓани, начините на кои децата може да се обратат до овој орган, најчестите поплаки за кои граѓаните, вклучително и децата бараат интервенција и заштита од Народниот правобранител, како и за постапувањето пред надлежните органи. Воедно, во интерактивна комуникација со учениците од трета година, г-ѓа Мустафа одговараше на прашања на учениците, запознавајќи ги со ставот на Народниот правобранител дека децата се субјекти и носители на права и треба добро да ги знаат правата на детето за да може да препознаат кога некој не ги почитува или ги повредува истите, и следствено да се информирани како и на кој начин може да бараат заштита на правата. Инаку, претставниците на Народниот правобранител остварија средба со директорот на Гимназијата кој ги запозна со општите услови за водење на воспитно-образовна дејност во училиштето, начинот на работа и видовите поддршка кои училиштето ги нуди за учениците со посебни образовни потреби, а добиени се информации и за воннаставните активности на учениците, комуникацијата на учениците со стручата служба на училиштето и директорот, со цел нивно активно учество и партиципација во донесувањето одлуки кои ги засегаат самите ученици.