ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

РАБОТИЛНИЦИ ЗА ДЕТСКИ ПРАВА

19-20.08.2025, СКОПЈЕ

Одделот за заштита на правата на детето и лица со попреченост, при Канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје, на 19 и 20 август, во соработка со СОС Детско село одржаа креативни и интерактивни работилници за децата од згрижувачките семејства од Вардарскиот и Југоисточниот регион.

Децата од згрижувачките семејства од Велес, Струмица, Кавадарци и Валандово, преку игра и практични примери учеа за своите права, за односот право-обврска согласно Конвенцијата за правата на детето, како и за алатките кои можат да ги искористат во случај на повреда и непочитување на некое нивно право.

Во овој контекст, државната советничка на народниот правобранител м-р Васка Бајрамовска Мустафа на децата им ја објасни улогата на Народниот правобранител неговата организациска поставеност и начинот на кој децата можат да побараат заштита на своите права.

Имено, информирајќи ги за мандатот, улогата и надлежностите на Народниот правобранител, како и запознавајќи ги децата со правата од Конвенцијата за правата на детето, на јазик разбрилив за децата, г-ѓа Бајрамовска-Мустафа ја потенцираше важноста на принципите кои треба да се почитуваат од страна на органите и институциите во работењето со, или за децата.Таа, упати јасна порака до децата дека секогаш имаат право да бидат слушнати и да се почитува нивното мислење, но и да бидат заштитени на подеднаква основа, без дискриминација. Во таа насока, ги охрабри дека не смеат да премолчат какво било непочитување или пак, однесување кое го загрозува нивното здравје, благосостојба, опстанок и развој.

Народниот правобранител, исто како и СОС Детско, се залага за правата на сите деца, вклучително и на децата без родители и родителска грижа, како и децата во ризик, обезбедување соодветни услови за живот и ефикасно справување со основните ризици со цел побезбедна и посреќна иднина за секое дете.