ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
РАБОТИЛНИЦА ЗА ФАСЦИЛИТАТОРИ* И ОПШТИНСКИ КОНТАКТ ТОЧКИ
23-25.09.2024, СКОПЈЕ
Од 23-25 септември, во Хотел „Парк“-Скопје, во организација на Ромалитико-Институт за истражување и анализа на политики, во соработка со Совет на Европа и ЕУ, во рамки на РОМАКТЕД Програмата -фаза 2, се одржа Работилница за фасцилитатори и општински контакт точки (теренски работници) од 15 општини. Обуките беа наменети за Роми-практичари на локално ниво и за ромската заедница, а беа опфатени темите: Пристап до социјални услуги на локално ниво, Подготовка на Извештај за ромската заедница на локално ниво во областа на здравството, легализација, социјални сервиси, образование, локални акциски планови. На вториот ден од Работилницата, на тема:Недискриминација и постапка на поднесување на претставки до Народниот правобранител, имаше своја презентација државен советник во Народен правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа, која ги запозна учесниците со мандатот, надлежностите и улогата на Народниот правобранител, како и со процедурата за поднесување претставки, со посебен осврт на заштита од дискриминација и обезбедувањето заштита на правата на ранливите групи граѓани. На работилницата, на учесниците им беа поделени промотивни материјали за институцијата Народен правобранител, со цел поголема информираност на теренските работници и запознавање на локалното население со можноста и начините на кои може да се обратат за правен совет или за заштита на правата пред Канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје, и Подрачаните канцеларии во Битола, Куманово, Кичево, Струмица, Тетово и Штип. _____________ *Фасцилитатор - лице кое се стекнало со формално образование, сертификат или долгогодишно искуство во професионални техники за советување, олеснување, медијација, групна динамика и теорија за учење на возрасни