ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ПРОМОТИВНО-ИНФОРМАТИВНИ АКТИВНОСТИ ЗА КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ПРАВАТА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ И УЛОГАТА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

30.09.2025, КУМАНОВО

Тимот за следење на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост при Народниот правобранител, во соработка со „ХЕРА“ – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, како дел од Националниот механизам за мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата за права на лицатата со попреченост, отпочна со реализација на активности за запознавање со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и улогата на Народниот правобранител во заштита и унапредување на правата на овие лица.

Првата промотивно-информативна средба, беше одржана во Куманово, која, организациски покрај ХЕРА, беше поддржана и од „Инклузива“ - Здружение за промоција и развој на инклузивно општество, како едно од партнерските здруженија на Народниот правобранител во процесот на мониторингот на спроведувањето на Конвенцијата за права на лицата со попреченост.

„Лицата со попреченост не се само корисници на услуги – тие се граѓани со еднакви права, знаења и искуства. Нивното вклучување не е прашање на добра волја, туку законска и морална обврска, која произлегува од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Конвенцијата не е само документ – таа е алатка за промена на животите на луѓето. Но, тоа ќе биде возможно само ако институциите, локалната самоуправа, граѓанските организации и самите лица со попреченост работиме заедно со иста цел. Само со активно учество можеме да зборуваме за интегрирано, инклузивно и праведно општество, без дискриминација“, истакна државниот советник г-ѓа Васка Бајрамовска Мустафа од канцеларијата на Народниот правобранител.

На средбата, учествуваа лицата со попреченост, родители/старатели на деца со попреченост, организации „НА и ЗА лица со попреченост“, како и претставници на локалната самоуправа, Центарот за социјални работи и Подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување, кои зборуваа за искуствата за моменталните состојби и предизвици со кои се соочуваат при остварувањето на правата, во областа на образованието, здравствената заштита, вработување, како и учество во јавниот и политичкиот живот на лицата со попреченост.

Активностите ќе се спроведуваат преку организирање на локални настани од промотивно-информативен карактер и во други места (Тетово, Кичево, Битола, Струмица, Скопје и Штип), каде Народниот правобранител има своите подрачни канцеларии .