ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ПРЕЗЕНТИРАНИ КЛУЧНИТЕ НАОДИ И ПРЕПОРАКИ ОД АНАЛИЗАТА ЗА ПРИСТАП ДО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
01.12.2023, СКОПЈЕ
На прес-конференција државниот советник во канцеларијата на Народниот правобранител, г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа ги презентираше клучните наоди и препораките од Анализата: Пристап до високото образвание за лицата со попреченост во Република Северна Македонија. „Од податокот дека, вкупно 48 студенти со попреченост има запишано во сите три циклуси на студии ( во прв циклус 45, во втор- 2, и трет циклус 1 студент), а речиси повеќе од половина од факултетите (22) немаат студенти со попреченост или не водат статистика за бројот на студенти со попреченост, произлегува Заклучокот дека Факултетите не водат статистичка евиденција за бројот на студенти со попреченост, расчлената според важни параметри, преку кои би се унапредувале политиките, пристапноста и услугите за овие студенти. Повеќе од половина од факултетите (67,5%) воопшто немаат пристапен тоалет за студенти со попреченост. Исто така, дури 55% од факултетите немаат лифт, иако факултетот е на повеќе катови. Во повеќе од 50% од факултетите сите шалтери се повисоки од 80 см и без можност за користење на истите од лице во ортопедска количка, а 93% од факултетите се изјасниле дека немаат поставено систем што го засилува гласот на администраторот кој му зборува на студентот - што е сериозно ограничување за студентите со делумно оштетен слух. Информирањето на студентите на сите факултети е на непристапен начин. Ниеден факултет не ги објавува своите клучни соопштенија, политики и документи во Брајов формат, пристапен аудиоформат или стандардно писмо во зголемен формат, а дигиталните услуги на факултетите (електронски индекс и веб-страниците на универзитетите и факултетите, во најголем дел не се тестирани, за да се утврди дали ги почитуваат меѓународните стандарди за пристапност“, истакна, меѓу другото Бајрамовска-Мустафа на прес-конференцијата. Исто така, анализата покажа дека за голем број од наставните програми на повеќе факултети недостига стручна и научна литература во пристапен формат (Брајово писмо, аудиоформат, печатен зголемен формат и дигитален пристапен формат), односно само на 10% од факултетите студентите со попреченост може да добијат литература во пристапен формат, и во ист процент факултетите обезбедуваат асистивна технологија на студентите на кои им е потребна за време на студирањето. За жал, дел од факултетите не се запознаени со значењето на оваа технологија.На најголем дел од факултетите не се обезбедуваат специфичните услуги за студентите со попреченост, како што се: асистент за фаќање белешки, толкувач на знаковен јазик, тренинг за ориентација и мобилност, обезбедување на испити во пристапен формат, овозможување на дополнителни термини за полагање на испити и сл. Имено, 90% од факултетите не обезбедуваат толкувач на знаковен јазик ниту тренинг за мобилност и ориентација, а дури во 85% од факултетите нема формално назначено лице во студентската служба кое би му асистирало на студентот во административните процедури. „Генерална констатација е дека преостануваат уште бројни предизвици кон обезбедувањето инклузивно високо образование, за што, за почеток потребно е: - Процена и препознавање на индивидуалните потреби на студентите со попреченост, - Зголемена свест и сензибилизирање за правата и потребите на припадниците на оваа заедница, и - Следење и преземање/имплементирање на позитивните и успешни компаративни примери од регионот, кои се, исто така дел од оваа Анализа“, истакна Бајрамовска-Мустафа. Овааа анализа за потребите на Народниот правобранител е изготвена преку проектот „Практикувај демократија“, спроведуван од Фондацијата за демократија на Вестминстер, поддржан од Британската амбасада во Скопје, а ја спроведе Кристијан Лазарев и Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“.