ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА НА ТЕМА „УЧИМЕ ДА ВКЛУЧИМЕ“ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЗДРУЖЕНИЕТО ОТВОРЕТЕ ГИ ПРОЗОРЦИТЕ НА КОЈА УЧЕСТВУВАШЕ ПРЕТСТАВНИК НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

19.12.2022, СКОПЈЕ

Државниот советник, м-р Васка Б. Мустафа учествуваше како панелист на настанот „Учиме да се вклучиме“, во организација на Здружението Отворете ги прозорците, кој беше завршен настан на проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, реализиран со поддршка од Детската Фондација „Песталоци“.

На настанот беа презентирани активностите и постигнувањата на проектот, а воедно преку три панел дискусии беше дискутирано за предизвиците и потребите за унапредување на инклузивното образование.

Г-ѓа Бајрамовска-Мустафа во своето обраќање ги информираше присутните за активностите на Одделот за заштита на правата на децата и на лицата со попречност, во насока на заштита, промоција и унапредување на инклузивните практики во основното и средното образование, опфаќајки го предметното работење, но и согледувањето на состојбите преку непосредни увиди и спроведени истражувања.

Во тој контекст, поздравувајќи го донесувањето на Законот за основното образование кое го уредува прашањето на инклузивното образование како право на секое дете, подзаконските акти, како и Концепцијата за инклузивно образование, посочи на неопходната потреба од системско уредување на правото на образование, како и сервисите за помош и поддршка на децата во учењето и во средното образование, односно потребата од итно донесување на нов Закон за средно образование кој ќе биде усогласен со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Г-ѓа Мустафа, исто така укажа на сѐ уште присутните предизвици во остварувањето на ефективната инклузија на децата со попреченост, меѓу кои ги спомена: непристапноста; недоволно застапено разумно прилагодување на индивидуалните потреби на ученикот; недостаток од асистивна технологија, помагала, дидактички наставни материјали; недоволно поддржувачка инклузивна клима во училиштата; несензибилизиран наставен кадар, недоволно обучен за работа со ученици со попреченост; неподготвеност на наставнот кадар во основните училишта за изработка на Индивидуални образовни планови; недоволно конкретни насоки од МОН, БРО во однос на модифицираната програма и сл.

Истакнувајќи ја важноста на помошта и поддршката која за децата со попреченост се обезбедува од страна на граѓанските организации, проектите и донациите, се согласи дека искуството и праксата на другите секогаш е добар патоказ како да се подобрат состојбите, но и покрај тоа обврската за обезбедување на потребните ресурси од секаков аспект остануваат на државата, која сериозно треба да се посвети на обезбедување услови за одржливост на проектите кои внесуваат новини кои се во најдобар интерес на децата и се во насока на целосна и ефикасна инклузија во општеството.