ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ОДРЖАНА ЕДУКАТИВНА РАБОТИЛНИЦА ПО ПОВОД НЕДЕЛАТА НА ДЕТЕТО И МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА НЕНАСИЛСТВО
02.10.2023, СКОПЈЕ
Секоја година првата недела од месец октомври се одбележува како Недела на детето, со цел да се потсетат државите потписнички на Конвенцијата за правата на детето за потребата од обезбедување на услови кои би гарантирале спроведување на принципите и правата кои произлегуваат од Конвенцијата. Според принципите на Конвенцијата, сите деца и млади имаат исти права, односно имаат право на здравје со највисоки стандарди, право на бесплатно образование, право слободно да го искажуваат своето мислење и да бидат слушнати. Сите деца имаат право на безбеден живот, право на дом, храна, родителска љубов, право на соодветен животен стандард, право да бидат заштитени од насилство, злоупотреба, злоставување и запоставување. По овој повод, како и по повод 2. Октомври - Меѓународен ден за ненасилство и мир, претставници од Одделот за заштита на правата на детето и лица со попреченост при Народниот правобранител го посетија Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ Скопје, каде реализираа едукативни активности со цел промоција на правата на децата. Преку интерактивна работилница учениците имаа можност да изнесат свои размислувања за состојбата и степенот на почитување на нивните права во семејството, училиштето, заедницата, за почитување на принципот на учество во донесување одлуки, но и за заштита од дискриминација. Со претставниците од Одделот за заштита на права на детето и лица со попреченост при Народниот правобранител, средношколците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ зборуваа и за важноста од комуникација и потребата од континуирани активности за подигање на свеста за постоењето и прифаќањето на различностите, но и практикувањето на дијалог наместо насилство при евентуални конфликти и несогласувања. Институцијата, преку реализирањето на оваа активност со ученици со попреченост имаше за цел, меѓудругото, да потенцира дека потребно е сите кои работат со децата да бидат сензибилизирани за важноста од почитување на правата на секое дете. Народниот правобранител нагласува дека сите деца се еднакви во правата, а почитување на нивниот најдобар интерес, преку активно слушање на нивниот глас, како и давање на неопходната поддршка и овозможување на еднакви можности, е од големо значење во обезбедување на стабилна и сигурна иднина како за нив, така и за целото општество.