ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ СЕ ПРИКЛУЧИ КОН КАМПАЊАТА „1 ОД 5 - СТОП ЗА СЕКСУАЛНОТО НАСИЛСТВО ВРЗ ДЕЦА“
18.11.2025, СКОПЈЕ
На Светскиот ден за превенција од сексуална експлоатација, злоупотреба и насилство врз деца, започна кампањата „1 од 5 - Стоп за сексуалното насилство врз деца“, која Народниот правобранител ја поддржува како дел од заедничките активности кои се спроведуваат во рамки на ЕУ проектот „Поддршка за владеење на правото“. Заменик-народниот правобранител, Соња Трифуновска во своето обраќање изрази сериозна загриженост поради фактот дека едно од пет деца во Европа е жртва на некаков облик на сексуално насилство, поради тоа што зад таа бројка стојат деца - момчиња и девојчиња кои често молчат, стравуваат или не знаат каде да побараат помош. Дополнително, истакна дека децата жртви на насилство често се соочуваат со двојна виктимизација - од самото насилство, но и од нечувствителниот и ненавремениот институционален одговор. Поради тоа, во говорот беше истакната потребата од зајакната координација помеѓу надлежните служби, воведување на детски-пријателски постапки и подобрување на протоколите за обезбедување помош на жртвите. Воедно, ја потенцираше потребата од превенција, која би се овозможила доколку се едуцираат децата од најрана возраст, како и нивните родители, воспитувачи и наставници, како да го препознаат сексуалното насилство и како да се заштитат од истото. Во рамки на кампањата, која има за цел превенција, препознавање и заштита на децата од сексуално насилство, се изработени едукативни видеа, постери, прирачници, сликовници и други печатени материјали, наменети за деца од предучилишна и училишна возраст, како и за нивните родители и стручни лица кои работат со нив, а кои треба да придонесат во создавање општество во кое секое дете ќе расте без страв, безбедно и достоинствено.