ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА „НАРОДНИТЕ ПРАВОБРАНИТЕЛИ И НАЦИОНАЛНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА И ЖИВОТНА СРЕДИНА/ЕКОЛОШКА ПРАВДА“
20-21.11.2024, СКОПЈЕ
„Промените на климата кои се последица од човечкото дејствување не остануваат неказнето, па затоа природата секоја година се пожестоко почна да го враќа ударот. Сите сме сведоци на се постудени зими и пожешки лета, на торнада и урагани кои уриваат буквално се пред себе. Едно од главните прашања во овој 21 век, е, Што треба да направиме, на светско ниво, за во иднина да ги спречими/намалиме појавите на топење на мразот, покачувањето на температурата со еден збор, што треба да направиме за да се намали нашето влијание врз климата, поточно промените на климата? Еко активизмот, е движење кое е поттикнато од загриженоста на луѓето за своето и здравјето на своите поколенија, па оттука, сметам дека Институциите за човекови права треба да им бидат силна поддршка на граѓаните/луѓето, во нивните барања, со цел поединечно и колективо да учествуваме и да се ангажираме за да се обезбеди еколошка правда. Загадувањето, не остава само последици врз природата, за жал, тоа влијае и врз здравјето на човекот, па затоа, сите ние треба да сме уште повеќе загрижени заради инертноста на државата кон оваа појава. Луѓето велат дека, ако го загубиш здравјето, тогаш си загубил сѐ. Токму затоа, сите заедно треба да работиме на подигнување на свеста дека заштитата на средината во која живееме нема цена“. Ова, меѓу другото, го истакна, во својот поздравен говор народниот правобранител, г.Насер Зибери, на отворањето на дводневната Меѓународна конференција на тема „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животна средина/еколошка правда“ која се одржа во Скопје. Тој, истакна дека дискусиите и дебатите на Конференцијата, треба да бидат дополнителен поттик за државата, како на централно, така и на локално ниво, да ги преземе сите мерки за конечно ефективно да се справи со загадениот воздух, вода, почва, како и со управувањето на отпадот. „Начелниот став на Врховниот суд на РС. Македонија, со кој државата согласно Уставот на РС.Македонија, се задолжува да си ги исполни обврските за обезбедување на правото на граѓаните за живот во здрава животна средина, е сериозен исчекор за она, што се вели еколошка правда“, рече народниот правобранител, г. Зибери. Првиот заменик-претседател на Владата на РС.Македонија и министер за животна средина и просторно планирање, г.Изет Меџити, во неговото излагање истакна дека, наредниот период Владата ќе ги засили активностите со цел намалување на загадувањето на воздухот и заштита и унапредување на животната средина, како што е спроведување на проектот за гасификација. Постојаниот преставник на Програмата за развој на Обединетите Нации во Скопје, г.Армен Григоријан, рече дека борбата за спас на Планетата не е само политичка, туку и правна, заснована на норми, стандарди и принципи за човекови права и дека, токму во тој контекст, мора да се поддржат националните институции за човекови права, какви што се обмудсман институциите, чија основна задача е да им пружат заштита на правата на граѓаните. На Конференцијата, искуства од регионот споделија претставници на омбудсман канцелариите на Словенија, Хрватска, Косово и Албанија, а учество зеде и претставник на Омбудсманот на Турција. За искуствата од работата на Канцеларија на Обмудсманот на Словачка, зборуваше г.Роберт Доброводски, омбудсман на Словачка. На Конференцијата, за начелниот став на Врховниот суд на Република Северна Македонија, кој се однесува на правото на граѓаните да бараат судска заштита за прашањата поврзани со загадувањето на воздухот, зборуваше судијата на Врховниот суд, г. Џемали Саити, а на тема:„Гледајќи го глобалниот контекст - Еколошката правда“, свои излагања имаа г-ѓа Татјана Темелковска, правен советник во канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите Нации-канцеларија Скопје и г. Шон О’Конел, Глобален експерт за еколошка правда, Програма за развој на Обединетите нации (УНДП). Инаку, оваа Конференција е дел од проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“, финансиран од Норвешкото министерство за надворешни работи, а кој се спроведува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје.