ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk
ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРИСТАП ДО ПРАВДА И ИНСТИТУЦИОНАЛНА ОДГОВОРНОСТ ТЕМА НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
12.12.2025, СКОПЈЕ
Конференцијата, која се одржа под мотото „Човековите права и животната средина – Промовирање на пристап до правдата и институционална одговорност“, а по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права, 10.12, успешно ги обедини сите клучни засегнати страни за да се адресираат предизвиците. Предизвиците во областа на животната средина се комплексни, потребни се обемни истражување, ресурси и експертиза. Тие ги засегаат сегашните и идните генерации. Станува збор за повеќекратните и системски повреди на повеќе фундаментални човекови права - право на живот и здравје, право на чиста вода за пиење, за образование, но и право на пристап до информации и суштинско учество во донесувањето одлуки. Ане Лашкоска, заменичката Министерка за животна средина и просторно планирање ја отвори конференцијата и ја потврди посветеноста на министерството „Нашиот фокус е јасен: да ги унапредиме процедурите преку кои граѓаните можат да бидат навремено информирани, активно вклучени и ефективно заштитени. Пристапот до информации, учеството во креирањето на политиките и пристапот до правда се темели на кои се гради секоја одговорна демократија.“ Соња Трифуновска, заменичката на Народниот правобранител се осврна најпрвин на растечките проблеми со кои секојдневно се соочуваме „Навистина не е пријатно кога ќе отворите било кој портал или социјална мрежа и ќе прочитате дека Скопје, Куманово, Тетово и многу други градови се високо на скалата на најзагадени градови во Европа, па и во светот, и дека тоа трае со години наназад. Мислам дека е крајно време оваа состојба да се промени и дека сите чинители мора заеднички да дејствуваат... Свесна сум дека работите не можат да се променат преку ноќ, но од некаде мора да се почне и тоа веднаш.“ Таа рече дека ја радува фактот што институцијата Народен правобранител во последната година стана видлива за граѓаните, како институција на која граѓаните може да се обратат за заштита на нивните права во областа на екологијата. Соработката и заедничкото делување, особено во области кои динамично се развиваат на глобален план, како што е еколошката правда и климатските промени имаат клучно значење. „Соработката меѓу УНДП и Народниот правобранител ја трансформира заштитата на еколошките права. Преку зајакнување на капацитетите, обуки и потпишување Меморандуми со граѓански организации, веќе постигнавме мерливи резултати: пораст од 200% на еколошките претставки од граѓаните, отворање на седум нови случаи за еколошка правда, како и зголемена соработка со граѓанскиот сектор. Ова докажува дека жалбите кои потекнуваат од граѓаните може и мора да се претворат во институционална акција.“ изјави Ана Чернишова, заменичка на Постојаниот претставник на УНДП. На настанот беше презентиран новиот извештај „Методологија за мониторинг на црни еколошки точки: проценка на ризик, истражни процедури и влијание врз заедницата“. Се разговараше за наодите од терен, влијанијата од загадувањето и препораките за политики, со посебен акцент на улогата на Народниот правобранител во обезбедувањето еколошка одговорност и заштита на засегнатите заедници. „Методологијата за следење, како и препораките за отстранување на причините и последиците од загадувањето би требало да иницираат поширока расправа и преземање мерки и активности за надминување на состојбите.“ рече Татјана Темелковска, Советник за човекови права во Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје. Таа ја нагласи потребата од јакнење на независноста на институцијата Народен правобранител од секаков аспект-финасиски,кадровкси. На настанот беа присутни и новоизбраните градоначалници, локалните власти и претставници на граѓанското општество кои разменија иновативни практики во обезбедувањето чист воздух, одржливо управување со отпад и учество на заедницата во донесувањето еколошки одлуки. Беа споделени и искуства од Краков во Полска, за трансформативниот пристап кон подобрување на квалитетот на воздухот. Конференцијата потенцираше дека човековите права не се апстрактен идеал, туку како што нагласува овогодинешната глобална тема: „Нашата секојдневна основа“ —конкретен темел за здрав, квалитетен и достоинствен живот за сите. Настанот се одржа во рамки на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“, финансиран од Норвешкото министерство за надворешни работи, а се спроведува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје.