ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ЗАВРШНА КОНСУЛТАЦИЈА ЗА НАЦРТ- СТРАТЕГИЈАТА ЗА ПРАВАТА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

09.06.2023, СКОПЈЕ

Народниот правобранител, преку тимот за следење на спроведувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, кој дејствува во рамки на Одделот за заштита на правата на децата и лицата со попреченост, активно партиципираше во процесот, инаку исклучително сеопфатен, инклузивен и транспарентен, на изготвување на Национална стратегија за правата на лицата со попреченост (2023-2030).

После една година од активната мултисекторска работа, во петок, на 09.06.2023 година, во Владата на РС. Македонија се одржа завршната консултација за Нацрт-Стратегијата за правата на лицата со попреченост (2023-2030) со Акциски план (2023-2026).

Овој мултисекторски стратешки документ опфаќа девет приоритетни области, со утврдени цели, мерки и активности: Пристапност, Еднаквост, пристап до правда и активно учество во јавниот и политичкиот живот, Пристап до здравствена заштита, детска, социјална заштита и независно живеење, Право на образование, Вработување и право на работа, Локални инклузивни заедници, Јавна свест и Култура, спорт и рекреација.

Документот, како што истакнавме, е изготвен во широк партиципативен процес, со вклучување на 216 учесници од 31 институција и 27 граѓански организации, и во истиот се поставени одредници за унапредување на правата на лицата со попреченост, темелејќи се на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Унија на еднаквост-Стратегијата за правата на лицата со попреченост 2021-2030 на Европската Унија, како и Агендата 2030 и целите за одржлив развој, а е заснована на принципот на човекови права и основниот принцип „Никој да не биде изоставен“.

За реализација на Акцискиот план од Стратегијата за периодот 2023-2026, државата се согласи да издвои 46 милиони евра.

Народниот правобранител - тимот за следење на спроведувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, согласно надлежностите, заедно со 22 партнерски граѓански организации ЗА и НА лица со попреченост ќе го мониторира спроведувањето на Стратегијата во пракса, со цел обезбедување на еднакви услови и можности за лицата со попреченост во пристапот и остварувањето на правата, без исклучок.