ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

ДЕБАТА НА ТЕМА „УНАПРЕДУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ИНКЛУЗИВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ“ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА КАНЦЕЛАРИЈАТА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

19.04.2022, СКОПЈЕ

„Унапредување на квалитетот на инклузивното образование на децата со попреченост“, беше тема на Тркалезната маса кој ја организираше канцеларијата на Народниот правобрантел, со цел согледување на проблемите во оваа сфера и утврдување на заклучни согледување за нивно подобрување.

„Институцијата Народен правобранител како национална институција за човекови права во чиј мандат е и заштитата, промоцијата и унапредувањето на правата на децата и лицата со попреченост, а од 2019 год. и мониторингот на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, преку тимот надлежен за мониторирање на имплементацијата на Конвенцијата која е во рамки на Одделот за заштита на правата на детето и лица со попреченост, во континуитет го следи остварувањето на правото на образование на учениците со попреченост. Имено, во изминатите неколку години направени се повеќе евалуации на состојбата со уживање на правото на образование на учениците со попреченост, односно подготвени и објавени се Извештаи кои се базираат на податоци, со сублимирани констатации и дадени препораки до надлежните државни органи и институции во насока кон унапредување на состојбата со инклузивното образование. Исто така, во поголем број случаи работено е и предметно по поднесени претставки од областа образование за децата со попреченост, но со жалење можам да констатирам дека во голем број случаи и по сите преземени мерки и дејства согласно нашите надлежности, постапувањето завршило без успех“.

Ова, го рече, меѓу другото, народниот правобранител, г.Насер Зибери во поздравниот говор.Тој, исто така истакна дека за да се унапреди инклузивното основно образование, потребно е да се отстранат постојните бариери во училиштата (од архитектонски, преку информациски и комуникациски, до предрасуди и стеротипи), односно да се отстранат сите бариери кои ја попречуваат можноста да се задоволат различните потреби на поединечните ученици со попреченост во сите формални и неформални образовни средини.

Во своето излагање на панел дискусијата, државниот советник од канцеларијата на народниот правобранител, г-ѓа Васка-Бајрамовска Мустафа се осврна на процесот на следење на инклузијата во образовниот процес од страна на Институцијата.

„Од добиените податоци од основните училишта со ресурсен центар произлегува констатацијата дека за учебната 2021/2022:Примени се вкупно 740 барања за обезбедување образовен ассистент. Позитивно е одговорено на вкупно 485 барања, НЕ е позитивно одговорено на вкупно 255, Дополнително побарано од Министертвото за образование и наука (МОН) согласност за ново финансирање за вкупно 191 образовен асистент, за кои сѐ уште не е добиен одговор“, истакна Бајрамовска-Мустафа.

Според Бајрамовска-Мустафа, главни предизвици за остварување на инклузијата се тоа што голем број на основни училишта не се пристапни, има недоволно поддржувачка инклузивна клима во училиштата, постои недостаток од асистивна технологија, помагала, дидактички наставни материјали, недоволно е застапено разумното прилагодување на индивидуалните потреби на ученикот, несензибилизиран наставен кадар, недоволно обучен за работа со деца со попреченост, неподготвеност на наставниот кадар во ОУ за изработка на Индивидуални образовни планови, недоволно конкретни насоки од МОН во однос на модифицираната програма, во голем број основни училишта недостасуваат специјални едукатори и рехабилитатори како стручни лица во стручните служби.

Во дебатата на Тркалезната маса, на теми за инклузија зборуваа и г. Горан Петрушев, раководител на Службата за функционална проценка на деца и млади при ЈЗУ Здравствен дом Скопје, г-ѓа Марија Делетиќ и г-ѓа Билјана Стерјадовска Стојческа, директор и координатор од ОУРЦ „д-р Златан Сремец“. Учество зедоа и г-ѓа Мирјана Дамњановиќ, директор на ОУРЦ „Маца Овчарова“, м-р Љиридон Бафтији, в.д. директор на ЈУ МЦСР на Град Скопје, како и г-ѓа Александра Божинова, локален координатор за лична асистенција од Црвен крст Скопје.