Помагаме граѓаните на полесен начин да ги остваруваат нивните слободи и права, јавната администрација да стане вистински сервис и да се унапреди односот помеѓу органите на власта и граѓаните.

и на нашите принципи:

Јавно, чесно и стручно ги следиме и надгледуваме постапувањата на органите на власта.
Еднакви во односот со сите.
Професионални во работата, отворени за сугестии и спремни за постојано надградување.

Новости и настани

  • 20.11.2020

    СООПШТЕНИЕ ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ДЕТЕТО

    повеќе
  • 11.11.2020

    ИН МЕМОРИАМ

    повеќе
  • 15.10.2020

    ПОТСЕТУВАЊЕ И ПОРАКА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ПО ПОВОД 15 ОКТОМВРИ -...

    повеќе
  • архива

Пофалби и поплаки

Е-Информатор



Новости и настани

20.05.2019

Скопје

СОБРАНИЕТО ГИ УТВРДИ МЕРКИТЕ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРЕПОРАКИТЕ НА НАРОДИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

СОБРАНИЕТО ГИ УТВРДИ МЕРКИТЕ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРЕПОРАКИТЕ НА НАРОДИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ


Собранието на Република Македонија на седницата одржана во мај, по предлог на Комисијата за политички сиситем и односи меѓу заедниците, усвои вкупно 65 мерка од 21 области за спроведување на препораките за надминување на констатираните состојби содржани во Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2018 година.


Во однос на Препораките за заштита на човековите слободи и права во областа на СОЦИЈАЛНАТА СИГУРНОСТ И ЗАШТИТА, се утврдуваат следните мерки:
•    Да се преземат мерки за зголемување на висината на паричната помош од социјална заштита, како и мерки за обезбедување на ефикасни и квалитетни социјални услуги на граѓаните и семејствата во ризик.
•    Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија во соработка со центрите за социјална работа и стручните лекарски комисии да преземат мерки со цел непречено и навремено остварување на правата од социјална заштита, со почитување на роковите за донесување одлука, утврдени со закон.
•    Да се изнајдат трајни решенија за намалување на бројот на бездомните лица и семејства, преку обезбедување на соодветни сместувачки капацитети (објекти), проширување на можностите за добивање на социјален стан, како и оспособување на ранливите групи за самостојно живеење.

Во областа на ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ, се утврдуваат следните мерки:
•    Фондот за пензиско и инвалиско осигурување на Република Северна Македонија, филијалите низ градовите, како и второстепената комисија за одлучување по жалби да преземат мерки со цел одлучување во законски предвидениот рок по барањата на граѓаните за остварување на правото на пензија.
•    Унапредување на соработката и комуникација на надлежните органи вклучително и при комплетирање на документацијата во предметите заради навремено одлучување.
•    Комисиите за оцена на работната способност поефикасно да одлучуваат, врз основа на правилно утврдена фактичка состојба во однос на работната способност на граѓаните.

Во областа на ЗДРАВСТВЕНОТО ОСИГУРУВАЊЕ И ЗАШТИТА, се утврдуваат следните мерки:
•    Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и Министерството за здравство на Република Северна Македонија да преземат континуирани активности за елиминирање на проблемот со неажурноста и долготрајноста на управните постапки, со што непречено ќе се остваруваат правата на граѓаните во законски предвидените рокови. За таа цел потребно е редовно одржување на заеднички средби помеѓу претставници на Фондот и Министерството.
•    Фондот за здравствено осигурување да ја засили контролата во приватните гинеколошки здравствени установи во врска со наплатата на партиципацијата за здравствени услуги кои се бесплатни и се покриени со средствата на Фондот.
•    Министерството за здравство на Република Северна Македонија да обезбеди трајно решение во врска со финансирањето на стручниот надзор на Лекарската комора преку буџетот или преку посебна ставка во Програмата за јавно здравје.

Во областа на ПРАВА НА ДЕТЕТО, се утврдуваат следните мерки:
•    Меѓуопштинските центри за социјална работа, односно стручните тимови при одлучувањето за правото на доверување, односно видување на релација дете-родител да се раководи од правото на детето да биде со двајцата родители, согласно мислењето на детето, и неговиот најдобар интерес.
•    Министерството за труд и социјална политика на Републиак Северна Македонија во соработка со надлежните центри за социјална работа, заради превенирање на штетните последици врз детето и појава на отпорот за видување со родителот со кого не живее, секогаш кога за тоа има потреба, да наложат посета на советувалиште на родителите/сопружниците, наместо да остават истите да одлучат дали ќе посетат или не советувалиште во соодветна установа.
•    Министерството за образование и наука на република Северна Македонија, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје да преземат мерки за зајакнување на капацитетите на стручните служби и наставниот кадар за препознавање и пријавување на случаите на насилство, злоупотреба и занемарување на деца, како и мерки за елиминирање на појавата на насилно однесување меѓу учениците.
•    Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија, центрите за социјална работа, заводот за социјални дејности, секој во рамките на надлежностите, да преземат мерки со цел на децата кои се опфатени во системот на згрижување, пред нивно сместување да им се обезбеди соодветна стручна помош, поддршка и подготовка за прифаќање и прилагодување на новиот начин/форма на живеење, обуки за згрижувачките родители и следење на односот и постапувањето кон децата.
•    Преземање мерки за целосно согледување на проблемот со малолетничката бременост. Во тој контекст, воведување на едукација за младите, почесто организирање на тематски работилници и други активности во училиштата, прилагодени на возраста на учениците, а поврзани со репродуктивното здравје, начините на заштита од несакана бременост и од сексуално преносливи инфекции.
•    Владата на Република Северна Македонија да ја реализира неодамна прифатената иницијатива на Народниот правобранител за измени и дополнување на Законот за вонпарнична постапка и Законот за матична евиденција, со цел олеснување на процесот на регистрација на незапишаните лица во матичната книга на родените.
•    Министерството за здравство на Република Северна Македонија да преземе мерки и активности со цел во болничките одделенија на Јавните здравствени установи да се обезбедат услови при хоспитализација на дете како придружник да биде присутен родител/старател од различен пол.
•    При изградбата на нови или при реконструкција на постоечките детски градинки да се почитуваат воспоставените стандарди во однос на достапност и пристапност на објектите, бројност на групите и број на деца со попреченост, обезбедување соодветни дидактички помагала и кадар кој ќе одговори на потребите на децата. Во тој контекст, да се преземат мерки за системско идентификување, евидентирање и следење на децата со попреченост во градинките, а надлежните органи од социјалната заштита да ја следат и да се вклучат во тековната реформа на процесот на утврдување на видот и степенот на попреченоста, согласно Меѓународната класификација на функционалност, попреченост и здравје.

Во областа на правата ОД ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ, се утврдуваат следните мерки:
•    Да се преземат мерки за обезбедување на средства и исплата на паричните надоместоци за студентите магистранти и докторанти.
•    Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија да ги извести и задолжи органите во негов состав за обврската за соработка со Народниот правобранител и во тој контекст доставување на потребните одговори во бараниот рок, заради непречена и ефикасна заштита и остварување на правата на граѓаните-студенти.

Во областа на правата од РАБОТНИ ОДНОСИ, се утврдуваат следните мерки:
•    Надлежните институции и органи да преземат мерки за зајакнување на професионализмот на вработените и спречување на комодитет на администрацијата, со што ќе се зголеми ефикасноста во работењето, но и довербата кај граѓаните.
•    Вработувањата преку договори на определено време да се сведат на минимум, особено во чувствителните области како што е образованието и здравството, со цел максимално искористување на стекнатото работно искуство, но и спречување на злоупотреба на дискреционото право на одговорните лица.
•    При избор на кандидати секогаш критериум да биде нивната квалификација за конкретното работно место и без исклучок да се бираат компетентни и квалитетни кандидати.
•    Решенијата со кои се врши распоредување на вработени на пониски места задолжително да содржат повеќе образложени причини, истите да бидат издржани и јасни.  

Во областа на НЕДИСКРИМИНАЦИЈА, се утврдуваат следните мерки:
•    Да се преземат мерки за измена на Законот за локална самоуправа во насока на внесување на одредби за заштита од дискриминација на вработените во администрацијата, како и заштита од дискриминација на граѓаните како корисници на добра и услуги.
•    Да се преземат мерки правната регулатива да се усогласи со Законот за спречување и заштита од дискриминација во однос на заштитните основи.
•    Да се разгледа можноста од проширување на надлежностите на инспекциските служби за превенција од дискриминација, како и спроведување на обуки на инспекторите за препознавање на нееднаквиот третман и вознемирување во работниот однос.

Во областа на ПРАВОСУДСТВОТО , се утврдуваат следните мерки:
•    создавање претпоставки за заштита и остварување на правата на доверителите, со цел ефективна наплата на нивните утврдени побарувања во стечајните постапки,
•    целосна реформа на управното судство заради обезбедување примена на законските норми во корист на владеењето на правото и принципот на правда и правичност и почитување на човековите права,
•    Советот на јавните обвинители и другите надлежни органи, во континуитет да преземаат дејства и за утврдување на причините поради кои во голем број на случаи настапила застареност за кривично гонење.

Во областа на ПОСТАПКИ ПРЕД ИЗВРШИТЕЛИТЕ, се утврдуваат следните мерки:
•    да се изнајде начин граѓаните навремено да бидат информирани дека за нив се води постапка пред извршител/ли, со што ќе се одбегнат ситуации на зголемени износи поради пресметаните камати и трошоци за извршување
•    доследна примена на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување заради ефикасно остварување на правата на граѓаните во постапките на извршување.

Во областа на ИМОТНО-ПРАВНИ ОДНОСИ, се утврдуваат следните мерки:
•    Комисиите за денационализација поажурно да ги решаваат предметите, во постапувањето да водат сметка за правата што на граѓаните им припаѓаат според законот и да не го злоупотребуваат нивното незнаење и неукост,
•    Преиспитување на системот за правна заштита на граѓаните во катастарот и преземање дејства на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија по службена должност за надминување на проблемите произлезени од замената на хартиените со дигитални катастарски планови,
•    Преземање на сите дејства од технички, организациски и нормативен аспект, со цел создавање адекватни претпоставки за обезбедување ефикасно остварување на легитимните права и интереси на странките во постапка за приватизација на градежно земјиште.

Во областа на правата од областа на УРБАНИЗАМ И ГРАДБА, се утврдуваат следните мерки:
•    Зачестени превентивни инспекциски надзори со цел за неселективно спречување на бесправните градби и санкционирање на нивните градители,
•    Ревизија и ажурирање на законската регулатива и на урбанистичките планови.

Во областа на правата од СТАНБЕНА ОБЛАСТ, се утврдуваат следните мерки:
•    Итна изградба на станови кои би се доделиле под закуп или би се продале под посебно поволни услови на одредена категорија на граѓани најсериозно изложени на социјален ризик.

Во областа на ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, се утврдуваат следните мерки:
•    Постојани теренски контроли за откривање на загадувачите на воздухот и нивно неселективно санкционирање,
•    Изградба на регионални депонии за отпад според законските стандарди.

Во областа на правата од областа на ФИНАНСИИ, се утврдуваат следните мерки:
•    Заради заштите на легитимните права и правни интереси на граѓаните веднаш да се донесат измени и дополнување на одредбите од Законот за даночна постапка и Законот за даноците на имот, законската регулатива да се поедностави и да се измени или да се подготви нова методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижностите,
•    Градот Скопје и општините, да соработуваат со Народниот правобранител, секогаш да водат сметка за интересот на граѓаните во смисла на почитување на процедурата, да ги уредат подобро работите и да ги сведат на разумна мерка сомневањата во поглед на околноста дали износот што го плаќаат за одреден данок е разумен и правичен и дали е реално оценета вредноста на нивниот недвижен имот.

Во областа на ПОТРОШУВАЧКИ ПРАВА, се утврдуваат следните мерки:
•    Давателите на услуги да обезбедат претпоставки за плаќање на заостанатите долгови со поголема флексибилност и водење сметка за состојбата во која се наоѓаат корисниците,
•    Поради неефикасните кампањи за наплата на заостанатите долгови, државата во соработка со давателите на услуги, за одредена група граѓани да изнајде начин за олеснување на отплаќањето, а за најзагрозените, да биде извршен целосен отпис,
•    Со цел обезбедување ефикасна заштита и доследно почитување на принципот за правна сигурност, во одредени случаи да се обезбедат нормативни претпоставки за колективна заштита на правата на потрошувачите.

Во областа на правата на ПОЛИЦИСКИ ОВЛАСТУВАЊА, се утврдуваат следните мерки:

•    Полициските службеници при вршење на своите овластувања да се однесуваат законски, професионално и коректно, и да ги почитуваат човековите слободи и права.
•    Јавното обвинителство на Република Северна Македонија сериозно да ги разгледува барањата и доказите на Народниот правобранител за казнена одговорност против полициски службеници, да води целосни и ефикасни истраги за санкционирање на сторителите и враќање на довербата на граѓаните во објективното постапување на органите.
•    Органите за прекршоци да ги почитуваат укажувањата на Народниот правобранител и општото начело за казнената постапка дека, секој има право на правично судење пред независен и непристрасен суд, односно орган за прекршоци во контрадикторна постапка да може да го оспорува обвинението против него и да предлага и изведува докази во своја одбрана.
•    Електронската евиденција на лицата кои потпаѓаат под режим на детална проверка на граничните премини, добро да биде утврдена и редовно ажурирана.
•    Секторот за компјутерски криминал и форензика при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, посериозно да ги разгледува претставките на граѓаните на кои се жалат за вознемирување преку телефонски комуникации и социјални мрежи, со оглед дека правото на приватност и семеен живот претставува основно човеково право загарантирано со Устав.  

Во областа на правата на ГРАЃАНСКИ СОСТОЈБИ, се утврдуваат следните мерки:
•    Органите инволвирани во постапките за државјанство да ја зајакнат меѓусебната соработка во интерес на ефикасно остварување на правата на барателите и да покажат поголема флексибилност, и пред се ефикасност во постапувањето по барањата за регулирање на државјанскиот статус.
•    Управата за матичните книги и нејзините подрачни одделенија да покажат сервисна ориентација кон интересите и правата на граѓаните.

Во областа на КАЗНЕНО-ПОПРАВНИ И ВОСПИТНО-ПОПРАВНИ УСТАНОВИ, се утврдуваат следните мерки:
•    Да се преземат мерки за целосно надминување на пренатрупаноста во затворите, како и мерки за подобрување на сместувачките услови согласно стандардите за издржувањето на казната затвор, со почитување на човечкото достоинство на лицата.
•    Обезбедување на редовна, навремена и континуирана здравствена заштита на сите осудени лица, преку ефикасен и применлив систем на здравствена заштита. Доекипирање на установите со соодветен и стручен медицински персонал, овозможување редовен пристап до лекар, како и доопремување на затворските амбуланти со содветни медицински апарати, редовно снабдување со неопходните медикаменти и сл.
•    Да се преземат мерки за континуирани и редовни обуки на вработените во Секторите за обезбедување и ресоцијализација во сите казнено поправни установи, заради видлив ефект во процесот на ресоцијализација.
•    Министерството за правда на Република Северна Македонија, Управата за извршување на санкциите во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија да ги преземат потребните мерки со цел конечно воспоставување на редовен образовен процес во КПУ и ВПУ.
•    По примерот на КПД Штип, да се обезбеди, односно соодветно да се адаптира просторија и во другите казнено-поправни установи заради непречено остварување на правото на лични односи и непосредни контакти дете-родител (осудени лица), согласно најдобриот интерес на детето и правото да одржува контакти и непосредни односи со родителот со кого живее.

Во областа на ИЗБИРАЧКИ ПРАВА, се утврдуваат следните мерки:
•    Да се изврши измена и дополнување на Изборниот законик со цел Министерството за внатрешни работи на републиак Северна Македонија до Државната изборна комисија да доставува извештај по заклучувањето на Избирачкиот список, со податоци за бројот на обновени или целосно нови лични карти, за лица кои во меѓувреме станале полнолетни
•    Во насока на еднаков третман и заштита од дискриминација по кој било со закон предвиден основ, преземање на соодветни мерки од нормативен и од технички аспект за отстранување на сите ограничувања и прилагодување на инфраструктурата и просторот за слепите, лицата со оштетен вид, лицата со физичка попреченост, како и лицата од категоријата болни и немоќни, да можат да го остварат избирачкото право.

Во областа на ПРАВА НА БЕГАЛЦИ/МИГРАНТИ, се утврдуваат следните мерки:
•    При спроведување на присилното враќање на бегалците да се почитуваат правата на бегалците загарантирани со меѓународната и домашната регулатива, постапките да се спроведуваат согласно предвидените процедури и за истите да се води официјална евиденција;
•    Да се воспостават функционални и ефикасни алтернативи со кои ќе се избегне задржувањето на баратели на азил со мерка ограничување на слобода на движење во места каде што не се исполнети меѓународните стандарди за задржување на баратели на азил. Во Решенијата на Министерството за внатрешни работи со кои се изрекува мерката ограничување на слобода на движење за баратели на азил и нивно задржување јасно да бидат наведени причините за правниот основ за користење на оваа мерка како исклучителна околност;
•    Да се преземат мерки за обезбедување на преведувач во Прифатниот центар за странци заради непречена и ефикасна комуникацијата помеѓу службените лица во Центарот и задржаните лица, со цел навремено и целосно информирање за правата, но и за прашања поврзани со нивниот статус;
•    Да им се овозможи на задржаните лица во Прифатниот центар за странци во Гази Баба остварување на загарантираното право на свеж воздух во рамки на Центарот согласно Правилникот за куќен ред.
•    Да се воспостави функционален систем за жалби и поплаки за задржаните лица, со цел заштита на нивните права.

Во областа ДРУГИ ПРАВА, се утврдуваат следните мерки:
•    Органите на државната управа и органите и организациите со јавни овластувања навремено да постапуваат по барањата на граѓаните доставувајќи им соодветен писмен одговор. Потребна е анализа на постојната правна рамка и развивање на нови и посоодветни решенија за воведување на поконкретни механизми за заштита на уставно загарантираното право за поднесување претставки и добивање на одговор на истите.
•    Собранието на Република Северна Македонија да одржи Надзорна расправа за   последиците од поплавите во скопскиот и тетовскиот регион, како и за работењето на Комисијата за вршење проценка на недвижниот и движниот имот во подрачјата зафатени со силно невреме и поплави во скопскиот и тетовскиот регион.


Пребарување

Кaлендар на настани

декември 2020
П В С Ч П С Н
1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31

Анкета

Дали и колку во Република Македонија се почитуваат правата на лицата со посебни потреби?


Blog





Посетители online: 48
© 2011 Народен правобранител на Република Македонија