06.09.2017
06.09.2017, Скопје
НА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ПРЕЗЕНТИРАНО ПОСЕБНОТО ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА „СОСТОЈБАТА СО ДЕПОНИРАЊЕТО НА ОТПАДОТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА„
„Општиот заклучок врз база на податоците од истражувањето за состојбата со депонирањето на сметот и правната регулатива е дека во Република Македонија депонирањето на отпадот се врши под секакво ниво, дека е супстандардно, и речиси не се почитува ниту една законска норма која се однесува на ова прашање. Од вкупниот број на општини 42 користат локални депонии за комунален и друг вид на отпад, при што ниту една не поседува интегрирана еколошка дозвола, односно не ги исполнува законските стандарди,Регионални депонии користат 14 општини, а 11 (претежно помали рурални) општини не користат локални ниту регионални депонии“.
Ова, меѓу другото, го рече заменик народниот правобранител г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа на прес-конференцијата на која беше презентирано
посебното истражување за „Состојбата со депионирањето на отпадот во Република Македонија“.
Според Бајрамовска-Мустафа управувањето со цврстиот отпад во Македонија е неефикасно, а последиците од загадениот воздух, почвата и водата го чувствуваат сите граѓани.
„Загрижува појавата посебно во помалите населени места, собраниот отпад едноставно да биде фрлен на отворен простор, а надлежните служби за тоа да не реагираат. Исто така, загрижува тоа што на исто место се меша и депонира различен вид отпад (индустриски, опасен медицински отпад и отпад од домаќинствата), а откако празниот простор се пополнува, депонијата се напушта (без никакво затворање) и се избира и експлоатира друга локација. Искрено се надевам дека ова истражување ќе биде сериозно разгледано и од страна на општините, кои во случајот се најважната алка во решавање на проблемите со управување со отпадот“. рече заменик народниот правобранител г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа.