21.04.2016
21.04.2016, Скопје
СРЕДБА НА ЗАМЕНИК НАРОДЕНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ СО ДЕТСКИТЕ ПРАВОБРАНИТЕЛИ ОД ПОВЕЌЕ УЧИЛИШТА ВО ЗЕМЈАТА
Заменик- народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа оствари средба со ученици деца правобранители од неколку основни и средни училишта од Куманово, Прилеп, Штип, Битола, Кавадарци, Дебар, Тетово, Охрид и Гостивар. Во текот на разговорот посебен акцент беше ставен на залагањата на децата правобранители за што поголемо запознавање на учениците со нивните правата и можностите за нивно реагирање при евентуално непочитување на овие права. Воедно, децата правобранители информираа за воспоставената соработка со стручните служби на училиштата, со кои заеднички се обидуваат да решат определени проблеми кои ги забележуваат тие, или нивните соученици.
Во контекст на изнесеното, детските правобранители од повеќето училишта го истакнаа проблемот со несоодветните услови за образование, односно старите училишни згради и следствено потребата од реновирање на училишните простории, соодветно опремување со нагледни наставни средства, како и потребата од кабинетска настава, особено учениците од основно образование.
На средбата Правобранителите за деца во средните училишта ја истакнаа соработката со претседателите на класовите со цел поголемо организирање и учество насредношколците во донесувањето одлуки, согласно принципите на Конвенцијата за правата на детето.
Од страна на заменик народениот правобранител децата правобранители беа охрабрени да продолжат да ги застапуваат децата/учениците во училиштето каде што се избрани. Исто така, беа советувани за начините на реагирање при евентуалните повреди или обиди за непочитување на правата на детето, и за можноста да поднесат претставки до Народниот правобранител за заштита на нивните правата и надминување на евентуалните проблеми.