20.04.2016
20.04.2016, Скопје
СРЕДБА НА НАРОДЕНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ СО ЗДРУЖЕНИЕТО НА СЛЕПИ И СЛЕПОВИДНИ ЛИЦА НА ГРАД СКОПЈЕ
Претставници на Канцеларијата на Народниот правобранител од Одделението за заштита на правата на децата и лицата со посебни потреби имаа средба со Здружението на слепи и слеповидни лица на град Скопје, на која се зборуваше за правата на лицата со оштетен вид.
Присутните во разговорот го информираа Народниот правобранител за потешкотиите со кои се соочуваат во остварувањето на нивните права и слободи, особено при остварување на правата од социјална заштита, здравствена заштита и осигурување, а се пожалија и на пречката со која се соочуваат при остварување на нивното гласачко право, затоа што од страна на Избирачките одбори во одредени локални заедници на денот на изборите, не им било дозволено нивниот придружник да биде лицето кое ќе го заокружни бројот на ливчето за гласање, односно им било нагласено дека асистент може да биде само лице од избирачкиот одбор.
Членовите на Здружението на слепи и слеповидни лица на град Скопје реагираа и за постапувањето на центрите за социјална работа односно Министерството за труд и социјална политика во однос на запирањето на средствата за помош и туѓа нега, како и за обврската граѓаните истите да ги вратат ретроактивно, за потешкотиите со кои се соочуваат при користење на паркинг, а информараа дека и на нив им се наплаќаат патарини од кои ,пак, предходно биле ослободени.
Во однос на пристапот до одредени услуги како што се банките, присутните потврдија дека немаат можност подеднакво во сите банки со пополнување на образец да извршат одредени трансакции или друг вид на финансиски услуги. Во тој контекст известија дека факсимилот кој го користат како своерачен потпис не секогаш од страна на институциите се прифаќа како веродостоен што според нив претставува дискриминација и пречка во остварувањето на нивните права и слободи.
Од страна на претставниците на Народниот правобранител на членовите на ова здружение им беше даден правен совет за начинот на остварување на правата, и за можноста за евентуална повреда на правата да се обраќаат до Канцеларијата на Народниот правобранител.