22.02.2016
22.02.2016, Табановце
НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗАЕДНО СО НЕГОВИТЕ КОЛЕГИ ОД КРАЛСТВОТО ШПАНИЈА, РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА И ПРЕТСТАВНИК НА СЕКРЕТАРИЈАТОТ НА АОМ ИЗВРШИЈА ПОСЕТА НА ТРАНЗИТНИОТ ЦЕНТАР ТАБАНОВЦЕ
Народниот правобранител г.Иџет Мемети заедно со Омбудсманот на Рeпублика Албанија г.Игли Тотoзани, Омбудсманот на Кралството Шпанија г-ѓа Соледад Бесерил и советникот од Асоцијацијата на омбудсмани на медитеранот (АОМ) г-ѓа Шарлот Клавреул го посетија Транзитниот центар за мигранти и бегалци „Табановце“ .
Целта на посетата беше да се согледаат условите на прифат и престој за бегалците во транзитниот центар, особено во услови кога започна процесот на присилно враќање на бегалците од Република Хрватска и Република Србија.
„Со моите колеги го посетивме овој камп за да ги согледаме условите и третманот на мигрантите, како и да разговараме со нив за евентуалните проблеми со кои се соочуваат. Во оваа прилика, би сакал да ве информираме дека од мојата последна посета со мојот колега од Репубилика Србија констатирав дека има мал напредок во однос на сместувачките капацитети“, рече народниот правобранител г. Иџет Мемети.Тој повика на хуман третман на сите лица, вклучувајќи ги и оние мигранти од Авганистан кои се вратени од страна на полицијата на Република Србија, како и брзо решавање на нивниот статус.
Инаку, посетата е дел од подготовките за претстојниот состанок на членките на Асоцијацијата на омбудсманите на медитеранот(АОМ). што од 08 до 11 Март годинава ќе се одржи на Малта, а на која, меѓу другото ќе се разговара за мигрантските, односно бегалските прашања и начините на делување на членовите на Асоцијацијата во правец на остварување на правата на овие лица.