Помагаме граѓаните на полесен начин да ги остваруваат нивните слободи и права, јавната администрација да стане вистински сервис и да се унапреди односот помеѓу органите на власта и граѓаните.

и на нашите принципи:

Јавно, чесно и стручно ги следиме и надгледуваме постапувањата на органите на власта.
Еднакви во односот со сите.
Професионални во работата, отворени за сугестии и спремни за постојано надградување.

Новости и настани

  • 26.06.2018

    СООПШТЕНИЕ ПО ПОВОД МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН ЗА ПОДДРШКА НА ЖРТВИТЕ ОД ТОРТУРА – 26 ТИ...

    повеќе
  • 14.06.2018

    СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ДАДЕ СОГЛАСНОСТ НА ОПШТИТЕ АКТИ НА НАРОДНИОТ...

    повеќе
  • 14.06.2018

    СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ГИ УСВОИ МЕРКИТЕ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА...

    повеќе
  • архива

Пофалби и поплаки

Е-Информатор



Новости и настани

14.06.2018

14.06.2018, Скопје

СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ГИ УСВОИ МЕРКИТЕ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРЕПОРАКИТЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

Собранието на Република Македонија на седницата одржана во јуни, по предлог на Комисијата за политички сиситем и односи меѓу заедниците, усвои вкупно 71 мерка од 20 области за спроведување на препораките за надминување на констатираните состојби содржани во Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2017 година.

Мерки за спроведување на препораките


По однос на препораките во областа Полициски овластувања, Собранието ги утврдува следните мерки:
  1. Да се преземат мерки за системско регулирање на постапката за приведување и лишување од слобода на лица кои уживаат имунитет, и во таа насока ова прашање да се уреди на јасен и прецизен начин во Законот за кривична постапка;
  2. Полициските службеници при извршувањето на полициските работи доследно да го почитуваат и применуваат начелото на пресумпција на невиност, а примената на средствата за присилба да биде строго контролирана, согласно меѓународните акти и стандарди;
  3. Министерството за внатрешни работи, односно неговите надлежни организациони единици да продолжат со активностите во насока на унапредување на капацитетите, стручноста и независноста за спроведување на целосни и квалитетни истраги за дејствија преземени од полициските службеници;
  4. Да се преземат мерки за реформи во образовниот систем на полициските кадри со воведување на редовен образовен процес за регрутирање на нови полициски службеници, како и мерки за континуирани обуки на постојниот персонал, вклучително и обуки за човековите слободи и права;
  5. Министерството за внатрешни работи да преземе мерки со цел да ја напушти арбитрерната пракса на одлучување во прекршочната постапка во која истовремено се јавува и како подносител на барањето и како прекршочен орган;
Во областа граѓански состојби и други внатрешни работи, Собранието ги утврдува следните мерки:
  1. Органот надлежен за државјанство да преземе мерки заради доследно почитување на Европските и домашните принципи за стекнување со државјанство, при што разгледувањето и одлучувањето на барањата за државјанство да биде во разумен временски рок ;
  2. Владата, односно надлежното Министерството за внатрешни работи да пристапи кон итна измена на законските текстови и подзаконските акти за пријавување на живеалиште/престојувалиште на граѓаните, со што ќе се олесни пристапот до издавање на лични документи, а со тоа и непречено остварување на гарантираните права на граѓаните;
  3. Владата на Република Македонија да преземе мерки, органот за водење на матичните книги и подрачните одделенија редовно и брзо да одговараат на барањата и укажувањата на Народниот правобранител и да бидат сервисно ориентирани кон барањата на граѓаните за издавање исправи од матичната евиденција;
  4. Министерството за внатрешни работи за припадниците за бошњачката заедница веднаш да ги стави во функција обрасците на барањата за издавање на лични документи на нивниот мајчин босански јазик.

Во областа Правосудство, Собранието ги утврдува следните мерки:
  1. Владата да преземе мерки за ефикасно остварување на управно-правната заштита на правата на граѓаните, воспоставување на редовна и активна соработка меѓу сите релевантни институции, како и мерки за забрзување на административните процедури;
  2. Владата да преземе мерки за измени на Законот за управните спорови со цел воведување императивни одредби за задолжително одржување јавни расправи и мериторно одлучување за управните работи;
  3. Да се преиспита состојбата со одолжување на постапките по кои постапува Јавното обвинителство, причините за недонесување одлуки, како и неефективните истраги за предмети против полициските службеници. Јавното обвинителство за овие дела да води посебна службена евиденција;
  4. Надлежните органи да преземат мерки заради обезбедување непречено остварување на надлежноста на Народниот правобранител да дејствува како пријател на судот, со право да учествува на рочишта, да дава предлози и мислења, согласно утврденото во Законот за народниот правобранител;
  5. Во постапката за извршување да не се преземат мерки за присилна наплата на долгот со кој е задолжен должникот, без уредно и навремено истиот да биде информиран, и пред извршителот да добие информација за основот на примања кои ги остварува должникот;
  6. Измени на Законот за извршување и Законот за облигационите односи  заради обезбедување  на подобра заштита на граѓаните-должници со ограничување на висината на законската казнена камата која ја плаќа должникот;
  7. Во Законот за извршување да се регулира-средствата од додатоци/субвенции за поддршка на развојот за земјоделство и сточарство, да не бидат предмет на извршување.
Во областа Избирачки права се утврдуваат следните мерки:
  1. Министерството за правда да пристапи кон изготвување на измена и дополнување на Изборниот законик заради обезбедување механизми и создавање услови Државната изборна комисија да ги обезбеди сите неопходни податоци за ажуриран и точен Избирачки список.
  2. Со Закон да се предвиди Министерството за внатрешни работи, по заклучувањето на Избирачкиот список да доставува извештај со податоци за  обновени или целосно нови лични карти со променето живеалиште, или презиме, на лица кои во меѓувреме станале полнолетни;
  3. Да се регулираат модалитетите за обновување на  личните карти на сите избирачи што се на издржување казна затвор во казненопоправните установи во континуитет, односно пред датумот на изминување на нивната важност;
  4. Да се изнајдат адекватни решенија со цел лицата сместени во старски домови, центри за рехабилитација, душевни болници, клинички центри и слични установи, во геронтолошки заводи или кои се наоѓаат на подолготрајно лекување во болници и други медицински установи, да може да го остваруваат избирачкото право во местото каде престојуваат;
  5. Законски да се ограничи можноста за злоупотреба на личните податоци при електронскиот пристап до Избирачкиот список.
Во областа Права на бегалци и мигранти, се утврдуваат следните мерки:
  1. Владата да преземе мерки за почитување на правата на бегалците согласно меѓународната и домашната регулатива. На задржаните лица  во Прифатниот центар за странци да им се овозможи непречен пристап до постапката за признавање право на азил, без никакви одолжувања;
  2. Министерството за внатрешни работи да преземе конкретни мерки и активности во насока на дислоцирање на Прифатниот центар за странци во објект што ќе ги исполнува стандардите за задржување на лица;
  3. Раководењето и управувањето со прифатните транзитни центри да се спроведува од страна на  Министерството за труд и социјална политика во координација со Центарот за управување со кризи, а Министерството за внатрешни работи согласно предвидените надлежности да се грижи за безбедноста на бегалците;
  4. Министерството за внатрешни работи да престане со праксата на реадмисија на лица кои според меѓународното право не можат да бидат предмет на присилно враќање и навремено да ги информира  лицата кои се опфатени со реадмисијата за започнување и спроведување на оваа постапка;

Во областа казнено-поправни и вопситно-поправни установи, се утврдуваат следните мерки:
  1. Да се преземат мерки за ефикасно решавање и намалување на проблемот со пренатрупаноста во казнено-поправните удстанови преку создавање на основни предуслови и ресурси (кадровски, материјални и финансиски);
  2. Да се преземат мерки за непречено и ефикасно остварување на правата од здравствена заштита и здравствено осигурување на осудените/притворените лица, согласно меѓународните и домашните стандарди и обезбедување на ефикасен пристап до здравствени
  3. Да се создадат основни предуслови и ресурси во Секторите и службите во казнено-поправните установи, заради постигнување на целта на кривичната санкција, односно ресоцијализацијата на осудените лица,
  4. Да се преземат мерки за ефикасно спроведување и воспсоставување на задолжително образование (основно, средно)  во казнено-поравните и воспитно-поправните установи.

Во областа социјална сигурност и заштита, се утврдуваат следните мерки:
  1. Министерството за труд и социјална политика преку согледување на реалната состојба со корисниците на социјална заштита да преземе мерки за измена на Законот за социјална заштита,  со цел поголема социјална заштита и сигурност на граѓаните во социјален ризик, и обезбедување ефикасно остварување и на утврдените права во пракса, меѓу другото и преку обезбедување на средства во Буџетот;
  2. Да се преземат мерки заради поефикасна професионална комуникација и соработка помеѓу надлежните органи кои одлучуваат за социјалните права на граѓаните, почитување на законските рокови за одлучување и почести контроли на терен заради заштита на граѓаните/семејствата во ризик;
  3. Владата и Министерството за труд и социјална политика сериозно да го разгледаат проблемот со бездомните лица во државата, да преземат мерки за подобрување на сместувачките капацитети, како и обезбедување на трајно решение преку домување на бездомниците.

Во областа пензиско и инвалидско осигурување, се утврдуваат следните мерки:
  1. Владата и надлежното Министерство да ги забрзаат активностите во насока на измена на правната регулатива што го уредува прашањето за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, со цел заштита на категоријата осигуреници за кои членувањето во Вториот пензиски столб е неповолно и се оштетени, односно примаат или ќе примаат понизок пензиски износ;
  2. Да се изнајде трајно системско решение во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за непречено остварување на правото на пензија на осигурениците на кои дополнително им се уплатени придонеси.

Во областа здравствено осигурување и заштита, се утврдуваат следните мерки:
  1. Се задолжува Владата и надлежното Министерство да  преземат системски активности за реформа на здравствениот систем, со цел непречено остварување на правото на здравствена заштита награѓаните и ефикасен пристап до здравствени услуги, особено за ранливите категории граѓани;
  2. Фондот за здравствено осигурување континуирано да врши контрола во приватните гинеколошки здравствени установи во врска со наплатата на партиципацијата за здравствени услуги кои се бесплатни и се опфатени со средствата од Програмата за мајки и деца;
  3. Министерството за здравство како надлежен орган во областа на здравството да обезбеди финансиски средства за ефикасно функционирање и спроведување на стручен надзор од страна на Лекарската комора на РМ;
  4. Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство да преземат соодветни дејствија, вклучувајќи и законски измени за елиминирање на проблемот со неажурноста и долготрајноста на управните постапки, со цел граѓаните во законски предвидените рокови да ги остваруваат своите права.
  5. Министерството за здравство да преземе мерки со цел во Јавните здравствени установи непречено да се остварува правото на придружување на дете од страна на двајцата родители (мајка, татко), и во тој контекст да се обезбедат просторни и други предуслови ова право да го користи секој родител/старател без оглед на полот.

Во областа Права на детето и лица со попреченост, се утврдуваат следните мерки:
  1. Министерството за труд и социјална политика во соработка со Меѓуопштинските центри за социјална работа и заводот за социјални дејности да преземат мерки заради системско решение за непречено и квалитетно остварување на правото на видување на релација дете-родител;
  2. Министерството за образование и наука, Државниот и овластените просветни инспектори, како и социјалната инспекција при Министерството за труд и социјална политика  да преземат мерки за позачестени контроли и надзор над работата на образовните и другите установи во кои децата се згрижени или остваруваат право на образование, заради превенирање од насилство врз децата, како и мерки за соодветно санкционирање на сторителите;
  3. Министерството за правда и Министерството за труд и социјална политика да преземат мерки за соодветна измена и дополнување на Законот за вонпарнична постапка и Законот за матична евиденција во делот на запишување на лице за родено, согласно прифатената иницијатива на Народниот правобранител;
  4. Надлежните Министерства да пристапат кон измена и дополнување на  Законот за семејството, Кривичниот законик и Законот за средното образование, согласно предлозите во прифатената иницијатива на Народниот правобранител, а во насока на превентивно делување, но и спречување на натамошно проширување на појавата на малолетничките (детски) бракови;
  5. Да се преземат мерки за спроведување на образовни политики со почитување на мултикултурната димензија во сите нивоа на образование, со што ќе се спречи евентуалниот одлив на ученици од  едно во друго училиште, како и формирање на етнички чисти паралелки  во образовните установи, особено за учениците од ромската заедница;
  6. Владата да преземе мерки за зајакнување и надградба на системот за превенција и заштита од дроги и други психотропни супстанции со посебен акцент за заштита на децата, како и  да се донесе посебен Протокол за третман и лекување на деца корисници;
  7. Владата, односно Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство да преземат итни мерки за усогласување на националното законодавство со меѓународните конвенции за децата и лица со попреченост, со цел олеснување на пристапноста и достапноста во остварувањето  на правата на овие лица во сите области.

Во областа права од високото образование, се утврдуваат следните мерки:
  1. Министерството за образование и наука итно да преземе мерки за исплата на еднократниот паричен надоместок на магистрантите и докторантите кои ги исполнуваат условите согласно Законот за научно-истражувачка дејност;
  2. Да се интензивираат активностите за реконструкција на постојните студентски домови, со цел соодветни услови и подобрување на студентскиот стандард, како и да се разгела можноста од изградба на нови поради проширување на капацитетите за сместување на студентите;
  3. Министерството за образование и наука да ја почитува обврската која произлегува од Законот за народниот правобранител за преземање мерки за навремено и соодветно постапување по интервенциите на Народниот правобранител во врска со барањата на граѓаните, со што ќе  обезбеди непречено извршување на неговата функција.

Во областа права од работен однос, се утврдуваат следните мерки:
  1. Да се преземат системски мерки за спречување на злоупотребата на институтот вработување на определено време од страна на директорите на основни училишта при спроведување на постапките за вработување односно трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време;
  2. Да се преземат мерки за измена на Колективниот договор за здравствена дејност поради воспоставување на еднаков пристап при исплата на плата за сите вработени дипломирани фармацевти во здравствените установи во Република Македонија. 
  3. Се задолжува Владата да преземе мерки по иницијативата на Народниот правобранител за изменувањеи дополнување на Законот за работните односи и законот за здравствено осигурување, во насокана признавање на право на паричен надоместок за привремена спреченост за работа на осигуреници кои немаат најмалку 6 (шест) месеци здравствено осигурување, а имаат дијагнози од витално загрозувачки карактер. Во тој контекст да се утврди правото на надоместок на плата поради привремена неспособност за работа да биде на товар или на Фондот за здравствено осигурување или на работодавачот, но никако на штета на вработениот.

Во областа недискриминација, се утврдуваат следните мерки:
  1. Да се преземат мерки за промоција, превенција и заштита од дискриминација, како и да се спроведуваат обуки за целокупниот менаџмент и вработените во институциите заради заштита од вознемирување на работното место – мобинг;
  2. Да се преземат мерки за  измена и дополнување на постојната регулатива по која постапуваат инспекциските органи, со проширување на нивните надлежности во областа на заштита од дискриминација и вознемирување на работното место, како и обука на инспекторите во насока на препознавање на сторена дискриминација, односно мобинг;
  3. Министерството за образование и наука да преземе мерки со цел континуирана анализа на учебниците и учебните помагала кои се користат во сите степени на образование на учениците и студентите односно ревизија на целокупниот процес на рецензирање на литературата која има образовна намена;
Во областа имотно-правни односи, се утврдува следната мерка:
  1. Да се преземат мерки за интензивирање на процесот на приватизација    на градежно земјиште во државна сопственост, како и мерки за завршување на сите предмети за остварување на правата на граѓаните по основ на денационализација, особено преку користење на законската можност управните судови мериторно да одлучуваат за самата управна работа, без истите да се враќаат на повторно постапување во комисиите за денационализација;

Во областа урбанизам и градба, се утврдува следната мерка:
  1. Почести теренски увиди на инспекциските служби заради превенирање и спречување на нелегални градежни активности на центарлно и на локално ниво.

Во областа станбени односи, се утврдуваат следните мерки:
  1. Да се преземат мерки за окончување на процесот за разрешување на правниот статус на становите во државна сопственост, становитераспределени на т.н. лица со ниски приходи и становите кои се користени без соодветен акт за доделување;
  2. Поголема ажурност на Комисијата за станбени прашања на Владата на Република Македонија и на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката во постапувањето по барањата на граѓаните за доделување стан под закуп и за откуп на стан.

Во областа животна средина, се утврдуваат следните мерки:
  1. Да се преземат мерки за ефикасно справување со загаденоста на воздухот и другите медиуми, со зајакнати континуирани инспекциски контроли на терен и изрекување на соодветни санкции за загадувачите;
  2. Да се интензивирааат активностите на локалната и на централната власт заради воведување ситем на организирано собирање и одложување на отпадот, како и преземање на континуирани мерки за соодветно одржување на депониите согласно утврдените стандарди.

Во областа финансии, се утврдуваат следните мерки:
  1. Управата за јавни приходи по службена должност во континуитет да презема дејства за враќање на наплатениот данок „во посебна даночна постапка за испитување на имотот и имотната состојба, односно утврдување на приходи на кои не е утврден данок или не е доволно утврден“, која со правосилен управен акт во меѓувреме е запрена;
  2. Неосновано наплатениот или претплатениот паричен износ по основ на радиодифузна такса од УЈП на граѓаните да им биде вратен без какво било условување и по службена должност;
  3. Согласно иницијативата на Народниот правобранител да се донесат изменувања и дополнувања на одредбите од Законот за даночната постапка и Законот за даноците на имот;
  4. Градот Скопје безусловно да ја почитува имепративната законска обврска да соработува со Народниот правобранител и на негово барање да му ги обезбеди сите објаснувања, информации и докази за наводите во претставките и да презема мерки за спроведување на интервенциите за отстранување на констатираните повреди.
Во областа потрошувачки права, се утврдуваат следните мерки:
  1. Доследна примена на законската регулатива во работењето на ЈП Водовод и канализација Скопје и другите даватели на комунални услуги, престанок на праксата за издавање на вонредни сметки и условување на граѓаните во целост да го платат заостанатиот долг и соработка и почитување на интервенциите на Народниот правобранител;
  2. Системот на евиденција на корисници на ЈП Водовод и канализација Скопје постојано да се ажурира, ревидира и надоградува, а повторниот приклучок да се реализира бесплатно;
  3. ЈП и ЕВН во континуитет да спроведуваат и имплементираат кампањи за олеснителна наплата на заостанати долгови, склучување на спогодби со поголем број рати и месечен износ соодветен на финансиските можности на корисникот;
  4. Да се изнајде системско решение за проблемот со задолжувањето ма граѓаните со надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија;
Во областа други права, се утврдуваат следните мерки:
  1. Органите на државната управа и органите и организациите со јавни овластувања навремено да постапуваат по барањата на граѓаните, доставувајќи им соодветен писмен одговор;
  2. Владата неодложно да пристапи кон изнаоѓање на системско решение за прашањата поврзани со елементарните непогоди. Да се формира постојано тело за проценка и надомест на штети предизвикани од елементарни непогоди, кое ќе функционира непречено и ефикасно.




Пребарување

Кaлендар на настани

август 2018
П В С Ч П С Н
1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31

Анкета

Дали и колку во Република Македонија се почитуваат правата на лицата со посебни потреби?


Blog





Посетители online: 2
© 2011 Народен правобранител на Република Македонија