Активности
05.04.2021
Скопје
РАБОТЕН ОНЛАЈН СОСТАНОК НА КАНЦЕЛАРИИТЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ И УНХЦР ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТОТ ЗА 2021 ГОДИНА
Народниот правобранител, г.Насер Зибери и заменик-народниот правобранител, г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа, одржаа онлајн состанок со претставничката на Канцеларијата на Високиот комесаријат зе бегалци при Организацијата на Обединетите Нации во Скопје (УНХЦР), г-ѓа Моника Сандри, а на кој присуствуваа и г-ѓа Кристина Бунеа, офицерка за правна помош и г.Тихомир Илиевски,соработник офицер за правни прашања во оваа канцеларија.
На состанокот беше заклучено дека и двете канцеларии градат партнерски однос и тоа на глобално ниво, како и тоа дека имаат заедничка цел, давање на помош на сите граѓани, посебно на бегалците/мигрантите, односно на лицата кои не по своја волја поради разни причини се приморани да ги напуштат своите домови.
Народниот правобранител се заблагодари на досегашната поддршка која канцеларијата на УНХЦР ја даваше во поглед на зајакнување на капацитетите на Институцијата, потоа на соработката во решавањето на проблемот со бегалската криза во 2015 година, како и за реализираните проекти поврзани со барателите на азил, бегалците/мигрантите сместени во транзитните центри, и решавањето на правниот статус на бегалците Роми, кои по завршување на косовската криза во 1999 година се наоѓаат на територијата на Република Северна Македонија.
Народниот правобранител беше информиран дека и во тековната 2021 година ќе продолжи техничката помош која канцеларијата на УНХЦР и ја дава на институцијата Народен правобранител, а ќе продолжат и проектите за подобрување на правниот систем за заштита на барателите на азил и на лицата сместени во транзитните центри.