ул. "Македонија" бр.19 (зграда на ТД „Макошпед") contact@ombudsman.mk

Мени

АПЕЛ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ДА НЕ ГИ ЗЛОУПОТРЕБУВААТ ДЕЦАТА ЗА ПАРТИСКИ ЦЕЛИ

12.10.2021, СКОПЈЕ

Народниот правобранител, потсетувајќи ги сите учесници на локалните избори за забраната на злоупотреба на децата за политички цели, упатува апел до сите субјекти инволвирани во претстојните локални избори да не ги користат децата во своите кампањи-во снимање на спотови, рекламни паноа на билборди и други рекламни материјали.

Според Народниот правобранител, неспорно е правото на детето да биде информирано за општествените случувања, како и правото да има став за различни прашања од општествениот живот. Но, начинот на кој некои политички субјекти тоа го практикуваат во текот на предизборната кампања претставува класична злоупотреба на децата и не оди во правец на нивниот најдобар интерес.

Осудувајќи го секое вклучување на децата за сопствени политички цели Народниот правобранител апелира да престане оваа пракса и бара од надлежните институции на системот да ги преземат сите потребни мерки за да ги обезбедат правата на детето и да спречат нивна натамошна манипулација во изборниот процес.

Секое дете треба да се остави само да расудува за сите процеси вклучувајќи ги и политичките/изборите, без притисоци и наметнувања. Само така ќе создадеме генерации кои ќе се изградат во здрави личности, способни самостојно да размислуваат, расудуваат и одлучуваат според својата волја.

НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ